
12 – 18 август 2025
Галичник, Македонија
Тема: „Постмеморија – Ехо на тишината“
Мото: „Го слушам сето она што никогаш не ми беше кажано“
Што претставува Ликовната колонија Галичник?
Во срцето на живописното планинско село Галичник, веќе 36 години опстојува една уникатна уметничка приказна. Ликовната колонија Галичник е повеќе од уметничка резиденција – таа е платформа за културна размена, современо творештво, теоретско истражување и дијалог помеѓу локалното и глобалното, традиционалното и авангардното.
Со текот на годините, колонијата прерасна во единствен уметнички феномен на регионално ниво – кој го негува критичкото размислување, ја охрабрува слободата на изразување и вградува современи медиуми во еден амбиент исполнет со историја, митови и тишини. Колонијата го напушти класичниот медиум на сликарството и се сврте кон новите медиуми: дигитална уметност, видео, фотографија, виртуелна реалност, звучна уметност и хибридни форми.
Овогодишен концепт: „Постмеморија – Ехо на тишината“
Темата за 2025 година е инспирирана од поимот постмеморија, дефиниран како начин на паметење што го надминува личното искуство – сеќавање што се пренесува од генерација на генерација преку тишина, гестови, фотографии, несказани приказни и предмети што никој не ги користи, но никој не ги отфрла.
Колонијата се фокусира на теоретски перспективи од Мериен Хирш, Алајда Асман, Ролан Барт и В.Г. Зебалд, кои го разгледуваат преносот на траума преку визуелни траги, културни наративи и емотивни празнини. Таа отвара прашања како:
Како молчењето станува дел од паметењето?
Како личната и колективната меморија се испреплетуваат?
Како се формира идентитет околу искуства што не сме ги доживеале, но ги носиме во себе?
Учесници – 2025
Оваа година, на колонијата ќе учествуваат 11 реномирани и млади уметници од 7 земји:
Дејан Красиќ – Србија
Никола Радосављевиќ – Србија
Красимир Терзиев – Бугарија
Далиа Белосиноф – Грција
Мариа Анвандер – Австрија
Клара Вит – Австрија
Ренеа Беголи – Косово
Калина Димитрова – Бугарија
Лука Соудан – Холандија
Иванчо Талевски – Македонија
Ана В’чкова – Македонија
Колонијата се реализира благодарение на континуираната поддршка и препознавањето на вредноста на оваа единствена манифестација од страна на Министерството за култура и туризам на РС Македонија.
Искажуваме искрена благодарност за финансиската поддршка за учество на уметници од нивните земји од страна на Австриската амбасада Скопје и Бугарскиот културен центар, како и за спонзорството од Casinos Austria, Пивара Скопје и Вардар Градба.
Особено ја цениме логистичката поддршка и соработката со Месната заедница Галичник, кои со својата ангажираност придонесуваат за непречено одвивање на програмата.