Skip to main content

Бројот на жртви во руските напади врз Киев се искачи на 26, меѓу кои и три деца

Илустрација/ freepik

Бројот на жртви од руските воздушни напади врз Киев рано утрово се искачи на 26, вклучувајќи три деца, соопшти денес украинското Министерство за внатрешни работи.

Претходниот број на жртви од нападите со беспилотни летала и ракети беше 16 лица, вклучувајќи две деца.

„Во текот на ноќта и утрото, спасувачите извлекоа 10 тела од урнатините на станбена зграда во областа Свјаточински, вклучувајќи го и телото на двегодишно дете“, соопшти министерството на својот профил на Телеграм, додавајќи дека во нападите се повредени 159 лица, вклучувајќи 16 деца.

Украина повторно беше цел на руски воздушни напади во текот на ноќта. 63-годишен маж беше убиен кога ракета погоди стан во градот Веселјанка во источниот Запорожски регион, изјави началникот на регионалната воена администрација, Иван Федоров, на Телеграм.

Киев денес е ден на жалост по вчерашните бомбардирања, кои беа меѓу најсмртоносните во главниот град од почетокот на големата руска офанзива во февруари 2022 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди она што го нарече „уште еден смртоносен спектакл“ спроведен од Москва и повика на „промена на режимот“ во Русија.

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека новиот бран руски напади е „одвратен“. Тој потврди дека ќе воведе санкции врз Русија.

„Не знам дали ќе има влијание, но ние ќе го сториме тоа“, рече Трамп.

Трамп му даде на рускиот претседател Владимир Путин 10 дена од вторник да го прекине вооружениот конфликт, најголемиот во Европа од Втората светска војна, во кој загинаа илјадници луѓе од двете страни.

Поврзани вести