Skip to main content

„Стандард и пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија, економскиот раст останува приоритет

Кредитната агенција „Стандард и пурс“ во најновиот извештај го потврди кредитниот рејтин на македонија ББ- со стабилен изглед, што воедно е потврда и за политиките на Владата, а претставува и значаен сигнал за инвеститорите при носење на нивните одлуки за инвестирање, соопшти денеска Министерството за финансии (МФ).

Во извештајот Кредитната агенција посочува дека растот на економијата се забрзува и останува приоритет на Владата.

Во извештајот се наведува дека растот на економијата во оваа година се очекува да биде поддржан главно од потрошувачката на домаќинствата, движен од растот на платите и пензиите, како и од зголемена инвестициска активност, особено во инфраструктурата. При тоа Агенцијата упатува на ризици поради неизвесноста во европската економија како главен трговски партнер на земјата. До 2028 година, Агенцијата проектира дека растот ќе се стабилизира на околу 3%, поддржан од постепено закрепнување на надворешната побарувачка и засилување на инвестициите.

Владата, како што стои во извештајот, продолжува со напорите за спроведување институционални реформи, борба против корупцијата и владеење на правото, коишто се и клучни предуслови за интеграција во ЕУ. „Стандард и пурс“ истакнува дека економскиот раст за Владата останува главен приоритет, со цел за остварување раст до 5% на среден рок, поттикнат од реализација на амбициозни инфраструктурни проекти како што се Коридорот 8 и 10д и зголемени инвестиции во приватниот сектор. Потоа поефикасна наплата на даноци, како и понатамошно зголемување на пензиите и платите во јавниот сектор за поддршка на домашната побарувачка. Посочува дека јавната потрошувачка останува експанзивна и упатува на спроведување фискална консолидација, при што потенцира дека со усвоениот ребаланс е потврдена целта за буџетски дефицит во 2025 на 4% од БДП.Според Агенцијата со Фискалната стратегија е утврдена постепена фискална консолидација, но Агенцијата очекува одредени ризици со остварување на проекциите. Приходите од почетокот на годината до мај бележат раст од 9% на годишно ниво, водени од поголема наплата на данокот на личен доход, зголемени приходи од акцизи, како и раст на неданочните приходи. На страната на расходите, потрошувачката во истиот период бележи раст за 5%, како резултат на растот на платите во јавниот сектор, тековните расходи и социјалните трансфери. Во однос на долгот посочуваат дека и покрај затегнатите глобални финансиски услови, сервисирањето на долгот останува релативно контролирано.

Според „Стандард и пурс“, Владата и понатаму е посветена на евроинтеграцијата, процес којшто Агенцијата го истакнува како важен столб за напредок во структурните реформи на среден рок.

Кредитниот рејтинг на земјата „Стандард и пурс“ го оценува два пати во годината.