
Да се отвори фестивал како што е „Охридско лето“ дефинитивно е чин на пркос. Во свет каде што сè се мери – едноставно, уметноста не може. Вечерва сме овде, во прекрасниот антички театар во Охрид, поради нешто што не може да се купи, ниту пак да се измери. А тоа е Присуството. Доживувањето. Смислата – макар и за миг, кажа првенецот на Македонскиот народен театар (МНТ), актерот Ѓорѓи Јолевски во уметничната порака на свеченото отворање на најпрестижниот културен настан во нашата земја, „Охридско лето“, што започна викендов во Охрид.
Во инспиративниот говор, тој меѓу другото рече дека „во свет на војни, уметноста не е луксуз — таа е нужност“, како и дека „улогата на уметникот не е да решава проблеми, туку правилно да ги поставува“.
Во своето обраќање Јолевски упати силни пораки велејќи дека се надева „некој таму – во публиката, длабоко во себе – ќе пронајде дел од одговорот“.
Дојдовме овде, покрај ова древно езеро, во градот на Свети Климент – не само да отвориме уште едно „Охридско лето“ туку да му дадеме Смисла. Во време кога зборот се губи во бучавата, а мислата се потиснува од брзината, уметноста е чин на отпор. Не агресивен, не бучен — туку контемплативен. Вечерва не ја славиме уметноста затоа што мислиме дека е најважна, туку затоа што е неопходна.
Бертол Брехт вели: „Уметноста не е огледало што ја рефлектира реалноста, туку чекан што ја обликува.“ Во тој контекст, секој концерт, секоја претстава, секој збор на сцената — не е одраз на светот таков каков што е, туку обид да стане подобар. Живееме во време на војни, каде што човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, уметноста не е луксуз — таа е нужност. Нужност и апел да се потсетиме што значи да се биде Човек, рече Јолевски во говорот.
Тој потсети на Достоевски и неговата мисла „Убавината ќе го спаси светот“.
Знаеме дека претстава не може да спречи војна. Но исто така знаеме дека може да спречи Заборав. Да спречи Рамнодушност. Бекет го прикажува човекот во целата негова ранливост и вели: „Не можам да продолжам. Ќе продолжам.“ Во таа реченица е целата наша Умешност. Нашата Уметност. Нашата Надеж. Во меѓувреме, додека бомбите паѓаат, а светските лидери говорат флоскули, вештачката интелигенција учи да твори. Машините компонираат, сликаат, пишуваат. Ќе нè заменат ли? Можеби. Но нема да нè разберат. Затоа што машината може да создаде звук, но не и тишина. Може да генерира текст, но не и немир. Може да имитира поезија, но не и чувственост.
„Секој чин на уметност е чин на надеж.“ Ние вечерва ја славиме токму таа надеж. Надеж дека човечното сè уште има глас. И дека тој глас, кога ќе се чуе во темницата, кај публиката не буди само аплауз, туку и совест.
Улогата на уметникот не е да решава проблеми, туку правилно да ги поставува. Тоа и ќе го правиме летово во Охрид. Ќе поставуваме прашања. Со музика, со збор, со тишина. И со надеж дека некој таму – во публиката, длабоко во себе – ќе пронајде дел од одговорот, кажа Јолевски во уметничката порака на отворањето на јубилејното, 65. издание на Охридско лето.