Skip to main content

Јаневска: Средното стручно образование повеќе не е алтернатива, туку прв избор меѓу младите

Средното стручно образование во Македонија е успешен модел што ефективно ги спојува теоретското учење со практичната работа. Учениците имаат можност да стекнат применливи знаења со кои можат брзо да се вклучат на пазарот на труд или да продолжат кон академско надградување. Младите тоа го знаат и затоа стручното образование повеќе не е алтернатива, туку прв избор меѓу нив.

Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на конференција посветена на развојот на стручното образование и обука во Македонија, во организација на Швајцарската амбасада и проектот Е4Е – „Образование за вработување“.

Целиме кон извонредност во средното стручно образование. Донесовме нов Закон со кој го уредивме концептот на дуално образование, го зголемуваме бројот и ги јакнеме регионалните центри за средно стручно образование. Во соработка со коморите го зголемуваме бројот на компании вклучени во практичните обуки и воведуваме нови струки согласно потребите на стопанството. Обезбедивме буџет од 50 милиони денари за 1.570 стипендии за учениците кои во новата учебна година ќе се запишат во дуални паралелки“, рече Јаневска.

Министерката потенцираше дека заложбите на институциите и партнерските организации имаат одличен одраз. Трендот на постојан раст на бројот на ученици, продолжи и во јунски уписен рок во средното образование, со повеќе од двојно запишани ученици во средните стручни училишта, споредено со гимназиите.

На конференцијата беше промовирано и пристапувањето на Македонија кон членство во World Skills Europe мрежата што овозможува поврзување и размена на позитивни практики и искуства помеѓу земји и институции во областа на стручното образование и обука и во рамки на истата се организираат меѓународни ученички натпревари. Според Јаневска, тоа ќе овозможи дополнителен напредок на квалитетот на стручната едукација во државата.

Ќе ги искористиме можностите што ги нуди мрежата. Ќе ни користат добрите практики и пошироките сознанија за најефикасно да ги насочиме идните инвестиции во модернизација на објектите за стручна обука. Така ќе продолжиме да им помагаме на нашите млади генерации успешно да го завршуваат образованието кое ќе ги одведе до посакуваните професии, а крајната цел е висока младинска вработеност“, рече министерката.

На конференцијата се обрати и амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Вероник Улман, како и Нино Буиќ, помошник директор за европски прашања, меѓународна соработка и проекти при Агенцијата за стручно образование и образование на возрасни, официјален делегат на WorldSkills Хрватска. Двајцата соговорници го потврдија напредокот во квалитетот на средното стручно образование во државата.

Поврзани вести