
Во Истанбул вечерва ќе се одржи концерт насловен „Романтични летни ноти“ на кој ќе настапат две истакнати имиња на македонската и европската музичка сцена – виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа и пијанистката Маја Кастратовиќ.
Концертот претставува свечено одбележување на 30 години уметничка соработка на овие две музички имиња. Концертот ќе се одржи во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ во Кадиќој во организација на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул и Асоцијацијата на истанбулската филхармонија.
На програмата ќе бидат изведени дела од Клара Шуман, Јоханес Брамс, Властимир Николовски, Александар Лековски, Мануел де Фала, Фриц Крајслер, Енрике Гранадос и Пабло де Сарасате.
Сихана Бадивуку-Хоџа е реномирана виолинистка и редовен гостин на престижни фестивали низ Европа. Со стекнато образование од Конзерваториумот „Чајковски“ и Школата за музика во Детмолд, Германија, таа е концерт-мајстор на Косовската и Албанската филхармонија, како и активна професорка и културен работник. Работи како професор на Државниот универзитет во Тетово.
Маја Кастратовиќ, пијанистка со интернационална кариера, своето образование го стекнала на Конзерваториумот во Москва. Денес живее и твори во Словенија, каде што е активна како педагог, изведувач и член на жирија на бројни меѓународни натпревари.