Skip to main content

Си-би-ес ќе му исплати 16 милиони долари на Трамп

Матичната компанија на телевизијата Си-би-ес (CBS), „Парамаунт“ (Paramount) постигна вонсудска спогодба со Доналд Трамп и се согласи да му исплати 16 милиони долари на американскиот претседател за повлекување на тужбата, во која тој тврди дека во едно интервју телевизијата ја фаворизирала Камала Харис.

Спогодбата е постигната кога „Парамаунт“ бара од администрацијата на Трамп дозвола за спојување со „Скајденс“ (Skydance).

Компанијата ќе избегне судски процес по тужбата од Трамп поднесена во октомври 2024 година, кога тој беше кандидат за Белата куќа. Адвокатите на Трамп бараа 20 милијарди долари. Парите ќе бидат исплатени на идната претседателска библиотека на Трамп, а не директно на претседателот.

„Парамаунт“ истакна дека договорот не вклучува јавно извинување од нејзина страна.

Демократската сенаторка Елизабет Ворен го осуди договорот, оценувајќи го како „поклонување пред Доналд Трамп“ во обид да се натера републиканската администрација да даде зелено светло за „Парамаунт“ за „спојување вредно повеќе милијарди долари“ со „Скајденс“.

Ова може да биде корупција што се случува пред сите, нагласи Ворен и побара „целосна истрага“ за тоа дали договорот ги прекршува законите против корупцијата.

Трамп ја поднесе тужба против популарната програма на Си-би-ес „60 минути“, обвинувајќи за погрешно уредување на интервју со неговата демократска ривалка Харис. Тој тврди дека телевизијата уредила пасус од интервјуто во кое Харис нејасно одговорила на прашање за војната помеѓу Израел и Хамас.

Си-би-ес ги негираше обвинувањата, наведувајќи оти тоа е вообичаена практика во новинарството.

Поврзани вести