Skip to main content

На 9 јули градот повторно ќе пулсира во ритамот на добрата музика со летниот музички open air фестивал „Звукот на Скопје”

На 9 јули, срцето на градот повторно ќе пулсира во ритамот на добрата музика со летниот музички open air фестивал „Звукот на Скопје”, во организација на Културно информативен центар – Скопје.

Фестивалот, кој стана препознатлив симбол на урбаната културна сцена, ги обединува љубителите на различни музички жанрови и уметноста и им нуди незаборавно искуство под отворено небо. „Звукот на Скопје” не е само фестивал – тој е културен настан што ги слави музиката, уметноста и духот на градот.

Оваа година, на сцената повторно ќе настапат свежи домашни музичари, кои со својот уникатен звук ќе создадат вистинска магија на летната вечер.

Не пропуштајте ја можноста да бидете дел од едно од највибрантните случувања во Скопје ова лето!

ПРОГРАМА

📌 Салон 19:19 🕚 19:30

🎼 Концерт на Езгија квартет

***

📌 Кулпарк (пред КИЦ) 🕚 20:30

🔊 Концерт на Мартин Џорлев

🔊 Концерт на Педро Хоризонте

***

📌 Изложбен салон Империјал 1 🕚 20 часот

✂️ „Резови” – изложба на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски

***

Програмата ќе биде дополнета

ПЕДРО ХОРИОНТЕ

Педро Хоризонте е бенд кој потекнува од Скопје, Македонија и започна со работа од 2019 година во почетна постава – Петар Младеновски (вокал, бас) и Гога Поп Георгиевски (гитара и вокал) и Владимир Митревски (тапани), кои се и актуелни членови на бендот. Се работи за искусни многу познати музичари кои свиреле во други проекти и бендови како Суперхикс, Лилит, Но Нејм Нејшн, Поинт Бленк, а започнаа со проби и компонирање песни во периодот 2020-2025 година. Во периодот 2019-2021 година ги снимија своите први песни во студиото на Дени Крстев наречено СТУДИО 1060, а откако настапија на неколку фестивали и клубски свирки во Скопје во периодот 2022-2024 (Добра Идеја фестивал, Земјотрес фестивал, Октомвриски музички поход 2023), го издадоа и деби албумот ПАРАНОРМАЛНИ МЕГАХИТОВ (distrokid rec) во мај 2025 година. Концертната промоција се случи пред 100 нивни драги обожаватели и пријатели во клубот Лабораториум. На фестивалот ЗВУКОТ НА СКОПЈЕ, Педро Хоризонте ќе го отсвират своето деби ПАРАНОРМАЛНИ МЕГАХИТОВ.

МАРТИН ЏОРЛЕВ

Мултиталентираниот Мартин Џорлев е име кое најчесто се поврзува со неверојатниот локален и регионален успех на инди-рок/пост-панк бендот Луфтханса. Но тој во македонскиот креативен простор се појавува и како дел од повеќе бендови и проекти, меѓу кои Zulu 3.4, соло-проектот Стој, После!, (точка) ком… Презимето Џорлев е врежано во нашата културна свест како доминантна асоцијација на музичка вредност, а Мартин не само што ја оправдува асоцијацијата, туку со уметничка независност го освојува просторот на алтернативната музичка сцена. Неговиот соло настап на ЗВУКОТ НА СКОПЈЕ 6 ќе биде нешто сосема поинакво. Ќе свири на електрична гитара, пијано, електроника и вокали. Никој освен Мартин (а можеби ни тој самиот целосно) не знае како тоа ќе звучи. Настапот би бил една форма на јавно самоистражување. Отвореноста да бидеме изненадени ја сметаме за доблест. Дојдете со отворен дух и љубопитни уши!

Поврзани вести