Skip to main content
33KssfM51Qo

Тошковски и Кондратович: Потпишан протокол за реадмисија и голема поддршка од Литванија на европскиот пат на Македонија

Македонија и Литванија денеска потпишаа протокол за реадмисија, а министерите за внатрешни работи на двете земји ја истакнаа одличната соработка на полето на безбедноста, како и големата поддршка од Литванија на европскиот пат на Македонија.

Министерот Панче Тошковски денеска беше домаќин на литванскиот колега Владислав Кондратович.

На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на пријателските врски меѓу двете министерства и полиции во борбата против организираниот криминал, ситуацијата со илегалната миграција и соработката помеѓу центрите за обука на полициските службеници. Централен момент на средбата беше потпишувањето на Протоколот меѓу двете влади за спроведување на Спогодбата за преземање на лица кои престојуваат без дозвола.

-Имавме еден многу убав разговор, на сите теми кои што се од заедничко значење, за нашите две држави и секако за нашите граѓани. Првата и основна причина поради којашто мојот колега е во Македонија е потпишувањето на протоколот за реадмисија којшто по повеќе години е усогласен како текст и денес официјално го потпишавме. Втора точка на којашто разговаравме, а ќе биде круцијална за понатамошниот развој за нашата соработка е потпишување на договор за полициска соработка којшто би се фокусирал на борбата против криминалот, организираниот криминал, корупцијата, илегалната миграција. Третата тема на којашто разговаравме е соработка на центрите за обука во Македонија и Литванија во однос на професионализација на нашите полициски службеници, размена на знаења и искуства, истакнува Тошковски.

Кондратович посочи дека двете земји имаат одлична билатерална и мултилатерална соработка, ги делат европските вредности.

„Ми претставува чест што сум во Скопје и ќе можеме да ја продолжиме нашата соработка. Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу двете земји. Двете земји имаат одлична билатерална и мултилатерална соработка, ги делат европските вредности. Денес зборувавме како да ја унапредиме соработката во областа на внатрешните работи, борбата со криминалот, менаџирањето на границите и миграциите. Со потпишување на Договорот за реадмисија ја засилуваме уште повеќе нашата соработка на темата на безбедноста’, потенцираше литванскиот министер Кондратович.

Кондратович истакна дека Литванија целосно ја поддржува Македонија на интегративниот пат кон Европската Унија и ја изрази спремноста за помош на европскиот пат кој на крај носи огромни бенефити за граѓаните и функционирањето на институциите и изрази надеж дека заслуженото место на Македонија во ЕУ ќе дојде што поскоро.

Поврзани вести