Skip to main content

Воодушевена публика после премиерата на „Едмонд“ во Битолскиот театар

Долготрајни аплаузи и воодушевена публика беа само дел од најновата премиера во Битолскиот театар, и тоа на претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски. Се работи за петта по ред премиера за оваа година. Мицевски е дипломиран режисер во класата на Слободан Унковски, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, со специјализација по Ибзен во Центарот Ибзен на Универзитетот во Осло, Норвешка. Во изминатите години, работеше во Данска, Унгарија, Франција и неговите претстави со голем успех се играат на сцените на најзначајните европски театри. Па така минатата година по втор пат беше дел од CPH STAGE фестивалот во Копенхаген, најголемиот театарски фестивал во Данска што ги собира најдобрите претстави од тековната сезона. Тој се претстави со неговата претстава “4.48 PSYCHOSIS” работена по текстот на најзначајниот современ англиски драмски автор, Сара Кејн. Во 2012 во Будимепшта го основал својот приватен театар Oliver Micevski’s Theatre Company, своевремено единствен театар на англиски јазик во Будимепшта. Последните неколку години живее и работи во Лондон.

„Мене ми е чест и задоволство што после 14 години, режисерот  имаше шанса да ја презентира својата работа, токму во како што самиот истакнува „неговиот омилен театар“, Народен театар Битола. „Едмонд“ е многу различна претстава од се она што досега сум продуцирал како директор, нова, свежа, остра критичка претстава која отвора многу прашања. Авторот е добитник на Пулицерова награда, а неколку пати е номиниран за Оскар“, ни изјави директорот Васко Мавровски.

Тој додаде дека во периодот септември 2024 / јуни 2025, постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници” која ќе се одигра на 25.07. на Ротинското езеро.

„Во овој период одиграни се 129 претстави, или на секои 2.5 дена се изведувала по една претстава. Во салите на НТБ, не посетиле  

25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава. Оваа година ќе биде запишана како рекордна година“.

„ Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола“, истакнува режисерот Оливер Мицевски.

ЕДМОНД го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто ЕДМОНД го отвора е прашањето на слободата.

„Не случајно, мотото на ЕДМОНД е : “Внимавај што посакуваш.” Иронично, тој изјавува дека е конечно слободен и среќен дури на крајот, по сите перипетии, во затвор, со крајно лимитирана слобода на движење … Во времето во коешто живееме, каде што многу лесно може да имаме се, кога се ни е достапно, кога нашето “силување” на слободата не направи најнесреќни луѓе во историјата на човештвото, ЕДМОНД на Дејвид Мемет е повеќе од потребен. Не како лекција, бидејќи не верувам во дидактичен театар / театар што испраќа пораки, туку како можност за рефлексија на сите нас, да се запрашаме кои сме, каде одиме и какви сакаме да бидеме“, додава режисерот Мицевски.

Дранговски ни изјави дека навистина било предизвик да се работи оваа претстава со оглед на тоа што режисерот не сакал да прави театар кој сака да учи, кој сака да проповеда, кој сака да се преправа.

„Неговиот пристап кон театарот е рефлективен, и за еден таков театар во кој сте оставени да реагирате на околината каква и да е, дали би била сценографска, музичка, светлосна, актерска од останатите партнери на сцената. Авторот многу конкретно ги сместува ликовите во одредена перспектива и самиот режисер не смести нас, посебно мене, во одредени рамки. Рамки во кои има помалку реалистични движења, скоро и да немам никакви движења во претставата“.

Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.

„Ова беше едно интензивно, едно интересно, поинакво патување за сите нас. Претстава во која што сите се наоѓаме, еден текст кој зборува за тоа што го очекува човекот на патот во моментот кога ќе одлучи да си го промени својот живот, затоа што му е доста од секојдневието. Мислам дека повеќе или помалку сите сме се нашле во таа ситуација. Процесот беше, пак ќе речам, многу интересен, она што Оливер го побара од сите од нас да биде така, но да биде малку поинаку, е многу и едноставно и тешко“, вели костимографот Мицевски.

Тој сподели еден емотивен момент.

„Утрово проверив кога беше нашата прва средба со Мемет. Беше пред точно 30 години, кога американскиот режисер Роберт Еган постави три одночинки од Мемет на нашата сцена во септември 1995. година. Мислам дека тој автор заслужува почесто да биде на сцената со глед на тоа дека текстот навистина нуди асоцијации на современиот живот, на луѓето, на што сакаме, што можеме, што не можеме да промениме во животот“.

Битолскиот театар во големиот број на награди ги додаде и последните две значајни на последното издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, награда за драматизација и за главна машка улога. Следуваат гостувања и тоа со претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на јубилејното Македонско културно лето во Албанија. Во септември со оваа претстава се отвора театарскиот детски фестивал во Штип, „Силјан штркот“ во Прилеп, тука е и учеството со претставата „Ричард трети“ на фестивалот „Ристо Шишков“, на 25.септември на Денови на комедијата со „Рибарски караници“. Веќе е избрана новата програма за 2026 година, планирани се 9 премиери за кои три режисери ќе бидат од надвор.

„Ја поддржуваме македонската драматургија, македонските уметници, младите режисери, младите автори и акцентот бидејќи од 9 премиери 4 ќе бидат комедии, ќе биде на тој жанр и на претставите за деца, доаѓа и режисер од Белорусија“, додава на крај директорот Мавровски.

Фото: Ивона Кочов

Поврзани вести