
Перу стана првата земја во светот што воведе старосна граница по која возачите повеќе нема да можат да ја обновуваат својата возачка дозвола. Иако оваа мерка изгледа строга, властите ја оправдуваат како неопходна за зголемување на безбедноста на патиштата и како прилагодување кон предизвиците што ги носи стареењето на населението.
Според одлуката на Министерството за транспорт и врски (MTC), возачите кои наполниле 80 години нема да имаат право на продолжување на дозволата за управување со возило. Оваа регулатива е донесена со Врховниот декрет бр. 007-2016-MTC и е насочена кон проверка на физичката и менталната подготвеност на постарите возачи.
За возачите на возраст од 70 до 80 години се воведуваат построги услови при обновување на дозволата. Тие ќе мора задолжително да поминат медицинско-психолошки прегледи, кои вклучуваат тестови за вид и слух, мерење на крвен притисок и проценка на когнитивните способности. Дополнително, важноста на дозволата се намалува со возраста — со цел почеста контрола на способноста за управување со возило.
Мерката предизвика интензивни реакции во јавноста, но властите во Перу ја објаснуваат како неопходен чекор за заштита на сите учесници во сообраќајот, особено во контекст на сè постара популација зад воланот.
Слични дискусии се водат и во Европската Унија, но идејата за воведување на старосна граница за возачките дозволи беше отфрлена поради страв од нарушување на граѓанските права и обвиненија за дискриминација врз основа на возраст.
Останува да се види дали примерот на Перу ќе го следат и други земји во иднина.