Воопшто не ме фаќа страв да бидам кандидат за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори, туку напротив, максимално сум мотивиран и точно знам што треба да правам.
Ова го изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински кој гостуваше во поткастот на Плусинфо во едицијата „Размислувај глобално, делувај локално“ со Мартин Богатиноски.
Имам план како да ја реализирам мојата визија. Емотивно сум врзан за градот Скопје и искрено не можам да го поднесам сето тоа што му се случува на градот и на граѓаните. Целиот живот сум го поминал во Скопје и навистина сакам да имаме успешна градска приказна. Се соочуваме со основни нерешени проблеми во Скопје, а сакаме да се мериме со европските метрополи. Тоа едно со друго никако не оди. Едноставно, не треба да измислуваме топла вода. Само треба да погледнеме како функционираат другите градови од регионот. Погледнете ја Љубљана, погледнете го Загреб. Станува збор за делумно слични градови на Скопје и по површина и по број на жители – изјави Перински.
Тој смета дека сите проблеми на скопјани можат да се решат во мандат од 4 години.
Во оној момент кога ќе престанам да верувам дека можам да успеам, јас ќе се повлечам од политиката засекогаш. Мене навистина ме импонира да можам сега да придонесам за утре моето дете да се гордее со својот татко. Сакам да си ја одработам платата. И ова го кажувам најискрено. Ако се влезе со системски решенија, а не со парцијални решенија, тогаш сѐ е изводливо – рече Перински.
Со министерот разговаравме и за состојбата во Министерството за локална самоуправа, за децентрализацијата, европските фондови, проблемите со градскиот превоз, измените на Законот за локална самоуправа, можноста за отповикување градоначалник преку референдум…