
Во однос на увозот, загрижува податокот дека е поголем од извозот и тука апсолутно нема збор и ние како Министерство за финансии подготвуваме дополнителни производи преку Развојната банка, коишто ќе значат малку поголема поддршка на преработувачката индустрија, истакна денеска министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска која одговараше на новинарско прашање за разликата меѓу увозот и извозот.
Таа најави дека кога ќе ги спремаат новите производи за намалување на увозот јавноста ќе биде информирана.
Сето тоа е во насока колку повеќе имаме преработувачка индустрија и да искористиме што е можно повеќе производи од нашите земјоделци и тоа ќе значи дека притисокот на увозната страна за храна би требало да се намалува. Сето она што е во надлежност не само на Министерството за финансии и на Владата се прави и токму затоа ги даваме и овие 250 милиони евра за приватниот сектор преку Развојната банка – рече Димитриеска Кочоска.
Таа додаде дека досега 125 милиони евра се веќе исплатени кон приватниот сектор и тука, како што рече, очекува да има одредени ефекти.
Јас очекувам позитивно да влијаат и на преработувачката индустрија, мене посебно ме загрижува храната, иако се загрижува. Но, храната ми е посебен фокус да речеме, затоа што од земја којашто троши многу средства за субвенционирање на земјоделците, ние треба да имаме одредени бенефити од тоа и би требало да не ни се случува да имаме зголемен увоз на храна, па дури на земјоделски производи. Тоа е нешто што Министерството за земјоделство го работи и треба да го работи во периодот што следи, можеби одредени прилагодувања на мерки итн – изјави Димитриеска Кочоска.
Забележа дека на крајот на денот сите средства коишто ги даваме од буџетот треба да бидат во насока на подобрување на вкупната економска активност, вклучително и увозот.
На новинарско прашање дека очигледно многу пари се даваат за субвенции во земјоделство, а нема ефект и каде е проблемот, Димитриеска Кочоска кажа дека ова не е во нејзина надлежност, туку министерот за земјоделство е одговорен за спроведување на политиките во овој ресор.
Јас повторно ќе кажам, она што е во доменот на Министерството за финансии, она што можеме да го искористиме преку разни кредити од Развојна банка со поволна камата, коишто би ги насочиле кон земјоделието и преработувачката индустрија ќе гледаме да ги насочиме и да ги поврземе со домашните земјоделци, со цел да имаме поголем ефект и искористување од тоа што тие го прозиведуваат. Во делот на политиките мерките и промени во земјоделието навистина не би можела да кажам. Но можам да се сложам со констатацијата дека не е голем, не се зголемува додадената вредност од трошењето на овие средства – вели Димитриеска Кочоска.