
Промоција, изложба и дружба, ќе се одржи на 29 мај 2025 /четврток/ во 19.30 часот, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Станува збор за промовирање на најновата книга, „Часовник без часови“, од д-р Владимир Мартиновски, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, која ќе биде придружена со слики кои се инспирирани од песните во книгата. Промотор е Александар Еленин.
„Часовник без часови“ е сонетен венец со 15 сонети – всушност, четиринаесет и петнаесеттиот магистрал без акростих.
Сонетниот венец почнав да го пишувам во Охрид, што може да се забележи и во самите стихови – во нив има нешто охридско, медитеранско… Го заокружив минатото лето во Авињон, каде што, иако престојував многу кратко, едноставно имав инспирација токму таму да го завршам. Секој од сонетите има наслов, што е атипично за сонетен венец. Секоја песна е некој „час“: час по молчење, час по слушање, птичји час… Тоа се часови што можеби асоцираат на мојата педагошка работа на Филолошкиот факултет, но не се тие класични часови од 45 минути. Тука станува збор за часови што немаат точно определено време, часови што не може да се измерат со часовник. Насловот „Часови без часовник“ укажува токму на тоа излегување од стегите на времето. Сите ја чувствуваме таа потреба да излеземе од рамките на времето. А тоа ни го овозможува уметноста во сите нејзини форми – да не го мериме времето… Во овој сонетен венец се преплетуваат работи што ме прават среќен, но и нешта што ме загрижуваат. Веројатно едното без другото не оди. Тоа преплетување – со љубовна, но и ангажирана нишка – се случи сосема спонтано. Овој сонетен венец не настана класично – не го напишав најпрвин петнаесеттиот сонет, па потоа да се враќам наназад. Настануваше подолго време. Едноставно, оставив да тече спонтано. На крајот сè се вклопи и се надевам дека книгата ќе даде одговор на многу прашања поврзани со моите размислувања и лични доживувања“, вели за своето најново поетско дело Владимир Мартиновски.
Во ова ретко библиофилско издание, текстот се прелева со живописни дигитални графики – создавајќи поетско-визуелен универзум што ве повикува да читате со сите сетила, велат од издавачката куќа „Арс Ламина“, чие издание е оваа книга.