
Во име на Министерството за култура и туризам на отворањето на Втората работилница во рамки на проектот „Прометеј“, посветена на темата која со право добива сè поголемо внимание – ширењето на епиграфското наследство и развојот на публиката, се обрати државната секретарка во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова.
Проектот „Прометеј“, кој е кофинансиран преку програмата Креативна Европа, претставува исклучително позитивен пример за транснационална соработка во областа на дигиталната епиграфика и културата. Тој ги обединува музеите, универзитетите и истражувачките институти од регионот и пошироко и притоа отвора нови можности за користење на дигиталните технологии како мост помеѓу минатото и сегашноста.
Нашата земја располага со исклучително богато културно-историско наследство. Од најраните траги на писменост до спомениците на културата од античкиот и римскиот период, секој натпис, секој симбол врежан во камен или бронза, е сведок на нашата историја, на вредностите, идентитетот и културниот континуитет на овие простори.
Проектот „Прометеј“ и денешната работилница имаат за цел не само да се продлабочи стручната соработка помеѓу археолозите, историчарите, лингвистите и музејските работници, туку и да ја отвори вратата кон пошироката публика – да ја направи епиграфиката пристапна, разбирлива и инспиративна за секој граѓанин.
Како Министерство, со особено задоволство го поддржуваме овој проект кој го прави епиграфското наследство подостапно и повидливо за различни публики, а културното искуство подинамично и поинклузивно.
Веруваме дека ваквите иницијативи треба да бидат поттик и за другите културни и образовни институции во нашата земја да ги користат можностите што ги нуди програмата Креативна Европа, со цел создавање одржливи, иновативни и меѓународно релевантни културни проекти. На сите учесници ви посакувам успешна и плодна работилница, нови знаења, идеи и соработки кои ќе продолжат да го носат огнот на „Прометеј“ – симболичното светло на знаењето – и ќе го споделуваат со пошироката јавност, истакна Ѓоргова.