Skip to main content

Триесетина филмови ќе бидат прикажани на 15. издание на Филозофскиот филмски фестивал во Скопје

Од 22 до 28 во Скопје ќе се одржи 15. јубилејно издание на Филозофскиот филмски фестивал на кој ќе бидат прикажани триесетина филмови од Европа и сите краишта на светот. Проекцијата на филмовите е во Кинотека, а фестивалот се одржува под мотото „Провокативен. Полемичен. Поетичен.“

Годинава, фокусот на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) е насочен кон култниот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини (ППП) – фигура што совршено ги спојува трите зборови што стојат во срцето на нашата програмска настроеност: провокативен, полемичен, поетичен. Во склоп на Ретроспективата беа прикажани четири филма на Пазолини, а со проекцијата на петтиот филм ќе се одбележи отворањето на фестивалот, соопшти организаторот.

Фестивалската програма е изградена од разновидни сегменти: од Ретроспективата, Едукативната програма, компетитивните селекции на краткометражен и долгометражен филм, Придружната програма со селекцијата на турски краткометражни филмови и, од лани првпат воведената, Селекција на видеоесеи, па сè до Ревијалната програма: Филм-философија, со излагања на филмофили, професори, филозофи и вљубеници во амалгамот на филмското и филозофското.
Најзаслужни за квалитетната програма што ја нуди Фестивалот, секако се селекторите, коишто секоја година внимателно ги избираат филмовите. Селектор на долгометражните филмови (ОСД) е проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на краткометражните филмови (ОСК) е д-р Дејан Здравков, а селекторка на видеоесеите (ВЕ) е м-р Ивана Мирчевска.

Преку Официјалната селекција на долгометражни филмови годинава ќе бидат претставени пет филма, премиерно излезени минатата година. Тие се во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм.

Во конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм според жирито и според публиката, ќе бидат прикажани 15 филмови распределени во две филмски вечери. Од 18:00 часот, на 23. и 26. мај ќе се одржат проекции во коишто посетителите ќе имаат можност да погледнат квалитетна селекција на краткометражни филмови, коишто отвараат најразлични човечки/општествени прашања и поттикнуваат размисли за нив. Филмовите доаѓаат од сите краишта на светот, како: Франција, Мексико, Аргентина, Германија, Австралија, Португалија, Хрватска, Бугарија, Египет, Русија, Италија, Шведска, Турција, Гватемала, Чиле, Холандија, САД, Венецуела, Канада и Белгија.

Жирито го сочинуваат домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Кумјана Новакова (режисерка), Хасан Сердар Гергерлиоглу (фестивалски директор, Турција) и Мартин Ередеро Кампо (филозоф, Шпанија), кои ќе одлучуваат за наградите во Официјалните конкуренции на долгометражни и краткометражни филмови.

Во рамки на Придружната програма, за првпат кај нас, во соработка со списанието „Синефилозофи“ од Турција, ќе се одржи мала селекција на турски краткометражен филм именувана „Филозофија преку краток филм“, курирана од проф. Сердар Озтурк од Турција. Ќе бидат прикажани три филма: „И јас исто“ од Еџе Акалан Алаѓоз, „Ми светна“ од Тувана Симин Ѓунај и „Обичај“ од Али Риза Бајазит. За нив е резервирана проекцијата од 18:00 ч. на 25. мај, а Сердар Озтурк ќе има излагање и дијалог со публиката.

15. издание на Филозофскиот филмски фестивал е во организација на Филозофското друштво на Македонија и се одржува со институционална поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија, како и во партнерска соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје и Кинотеката на Македонија. Фестивалот годинава е поддржан и од: Италијанската амбасада во Скопје, Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, British Council, Музејот на современата уметност Скопје, списанието Sinefilozofi од Турција, Универзитетот „Еуропа Прима“, Културно информативниот центар – Скопје, Култура Бета.

Поврзани вести