Skip to main content

Премиерот Мицкоски на Самит на Европската политичка заедница во Тирана 

Во Тирана денеска ќе се одржи шестиот Самит на Европската политичка заедница на тема „Нова Европа во новиот свет: единство – соработка – заедничко дејствување“, на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски. 

Главна тема на Самитот, чии кодомаќини се претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и албанскиот премиер Еди Рама, ќе биде безбедноста и заедничката визија за иднината на Европа. 

Во тие рамки се очекува лидерите да разговараат за безбедноста на Европа, вклучително и поддршката за Украина, европската одбрана, заштитата на демократијата, како и подготвеноста и способноста за одговор на разни закани. 

Покрај ова, на собирот ќе се одржат и три тркалезни маси на високо ниво со осврт на безбедноста и демократската отпорност на Европа, вклучително и на руската агресија на Украина, потоа на зголемување на европската конкурентност и безбедност преку иновации и отпорност, како и на предизвиците во мобилноста и јакнење на младите. 

Во поканата до европските лидери за учество на Самитот, Кошта и Рама посочуваат дека Европа се соочува со историски момент, обележан со повеќеслојни и сложени предизвици. 

– Додека продолжува агресивната војна на Русија против Украина, нејзините последици се чувствуваат далеку надвор од границите на Украина, оптоварувајќи ја нашата безбедност и тестирајќи ја нашата колективна отпорност, се наведува во поканата. 

Во неа се посочува и дека во исто време европските економии се соочуваат со обновени ризици од фрагментација, кои ги поткопуваат воспоставените економски модели и ја тестираат способност на државите во Европа за одржување на растот, отпорноста и конкурентноста.  

– Важен предизвик остануваат и нерегуларната миграција и нејзината инструментализација, кои ги усложнуваат напорите за овозможување безбедна и регулирана мобилност и справување со недостигот на работна сила, се додава во поканата. 

Кошта и Рама натаму посочуваат дека надоградувајќи се на напредокот од претходните самити, Самитот во Тирана ќе обезбеди клучна платформа за подобрување на дијалогот и продлабочување на соработката, со цел претворање на заедничките предизвици во можности за унапредување на заедничките цели. 

На Самитот на ЕПЦ во Тирана е најавено присуство на 47 шефови на држави или влади од Европа. Така, покрај премиерите Мицкоски и Рама, на собирот ќе учествуваат и претставници на сите 27 членки на ЕУ, на земјите од ЕФТА (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), како и на Азербејџан, Андора, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Ерменија, Косово, Молдавија, Монако, Сан Марино, Србија, Турција, Украина и Црна Гора. 

Поврзани вести