
Со особено задоволство ве информираме дека на 15 мај 2025 година (четврток), со почеток во 17:30 часот, свечено ќе биде отворен дневниот центар „ГНЕЗДО“ – прв центар од ваков тип во Македонија, иницијатива посветена на јакнење на децата и семејствата во социјален ризик.
Дневниот центар Гнездо е основан со поддршка од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, а во соработка со ЕКПАТ Австрија. Нивната поддршка беше значајна во остварувањето на целите на проектот „Зајакнување на иднината“, за центарот да фунционира како безбеден и поддржувачки простор за најранливите категории граѓани, нудејќи психо-социјална помош, неформална едукација со посебен акцент на деца и млади, правно советување и дневна грижа.
Отворањето ќе се одржи во просториите на Центарот, во општина Центар, Скопје на Трета Македонска бригада 10А. Настанот ќе вклучи кратка свечена програма, обраќања од Државниот секретар г-н Фатмир Сабриу, Аташето на Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, г-н Харалд Бреза Фугер, поддржувачи и партнери, како и тивка добротворна аукција, со цел да се обезбедат дополнителни средства за функционирањето на центарот.
Со оваа иницијатива, „ГНЕЗДО“ станува симбол на општествена одговорност, грижа и солидарност. Овој настан означува значаен чекор во зајакнувањето на системите за поддршка на заедницата, со фокус на човековите права, инклузијата и можностите.
Ги покануваме сите медиуми, институции, организации и заинтересирани граѓани да присуствуваат и да ја споделат пораката за заштита на децата и семејствата кои имаат најголема потреба од нашата поддршка и партнерство во градењето на поинклузивна и поддржувачка заедница за сите.