
Утрово, жителите на Дебар Маало повторно се разбудија со полни и неисчистени контејнери, велат од Општина Центар, додавајќи дека наместо поажурно одржување и чистење на јавниот простор од страна на надлежното јавно претпријатие ЈП Комунална хигиена, за чистењето и овој пат интервенирале тие со сопствени ресурси.
Ова не е првпат да реагираме наместо тие што се надлежни. Општината нема надлежност за собирање на сметот на подземните и надземните контејнери, но имаме одговорност кон граѓаните. И токму затоа, три месеци секојдневно го собираме сметот од центарските улици, чистотата мора да биде биде главен приоритет на сите. Продолжуваме да го одржуваме и Дебар Маало, и сите населби во Центар, но бараме ЈП Комунална хигиена поажурно да работи и секое утро да биде чисто кога центарци изглегуваат од дома. Недозволиво е центарското градско подрачје наутро да биде во смет, вели градоначалникот Горан Герасимовски, истакнувајќи дека и ова утро добиле поплаки од граѓаните за нечистотијата.

Наместо ЈП Комунална хигиена да праќа деманти дека секојдневно го собира и транспортира комуналниот отпад според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад, Општина Центар апелира од утре, од 7:00 часот изутрина центарските улици да бидат чисти.
Ги повикуваме граѓаните да пријавуваат смет и диви депонии на следните телефонски броеви 076/350-767 и 02/3203-693. Општинските служби веднаш ќе излезат на терен и ќе се погрижат за хигиената во централното градско подрачје. Центар не чека, Центар чисти, велат од Општина Центар.