
Царинската управа во текот на изминатиот месец наплати приходи во износ од 11,7 милијарди денари или 190,4 милиони евра, што е за 7,3 проценти односно 12,88 милиони евра повеќе од истиот месец минатата година. Притоа приходите од данок на моторни возила се зголемени за 20,5 проценти, од царина за 14,1 процент, а од акцизи за 16,3 проценти.
Како што информира денеска Царинската управа, вкупно од почетокот на годинава, за четири месеци се наплатени 41,2 милијарди денари или 670,27 милиони евра, што е за 26,5 милиони евра повеќе од лани истиот период.
Директорот Бобан Николовски вели дека овие средства значат повеќе инвестиции за капитални проекти, за училишта, градинки, болници, патишта, повисоки плати и пензии, за поконкурентна економија. Ваквите резултати, како што потенцира, се должат на зголемени контроли и зголемена тимска работа и делување на ниво на институција, а не на поединци.
Царинската управа ќе продолжи да делува во насока на зачувување на финансиските интереси и стабилност на финансискиот систем преку поголема ефикасност на институционалните капацитети во наплатата на приходи, подобрување на услугите и сузбивање на криминалот и корупцијата, се наведува во соопштението.