Само десетина активисти на ДУИ вечерва „стражарат“ пред Уставниот суд во Скопје, каде од вчера е поставен шатор и како што најави Арбр Адеми, ќе се кампува за да се брани албанскиот јазик пред седницата на судиите за Законот за употреба на јазиците.
Се очекува да се соберат повеќе членови на партијата, откако во седиштето на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во тетовска Мала Речица имаше состанок на Централното претседателство на партијата, на кој присуствуваа и лидерите на нивната коалиција „Европски фронт“.
По започнувањето на состанокот ДУИ преку електронска пошта информираше дека сите лидери на политичките партии од „Европскиот фронт“, по итниот координациски состанок одржан во Тетово, денес ќе им се приклучат на таканаречената група „Стража на јазикот“.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, рече дека сите политички лидери ќе ја поддржат „Стражата на јазикот“.
Тие ќе се упатат во Скопје каде ќе ја поминат вечерта пред Уставниот суд.
Се обидуваат да го укинат последниот столб на Рамковниот договор, а тоа е јазикот. „Стражата на јазикот“ е всушност стражата на разумот. Таму се чуварите на разумот. Тоа се чувари на мултиетничка Македонија. Тоа се луѓе коишто се над партиските интереси, над етничките интереси. Се јавуваат бројни Македонци коишто велат што, кој, ова лудило, како се враќаат зомбите од минатото за да го демонтираат тоа што постигнавме 20 години и создадовме пример на функционална мултиетничка Македонија. Да се вратат теми кои сметавме дека се завршени. Оваа кауза не е на ДУИ, ниту на „Европскиот фронт“, туку на сите луѓе со добра волја за оваа држава. Ова е и ваша кауза, независно новинари, новинари, Албанци, Македонци. Мора да им кажеме стоп на овие зомби од минатото кои сакаат да вратат зла крв помеѓу граѓаните. Откако макотрпно со голема инвестиција на меѓународната заедница, изградивме општество на кое ни завидуваат другите, изјави Османи пред состанокот.
Во пресрет на седницата на Уставниот суд во среда премиерот Мицкоски сите граѓани ги замоли да бидат спокојни затоа што, рече, „ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања за сторен огромен криминал, кој набргу од денеска ќе почне да се обелоденува“.
Без разлика што се тие жилави, имаат свои инфилтрати во Обвинителството и во судството, без разлика колку ќе трае оваа наша борба, ќе ги поразиме. И едните, кои се слуги на овие, но и овие. И мора јавноста, и Македонците, и Албанците, но и сите останати, да ја дознаат вистинската вистина што се крие зад оваа хајка на овие политички профитери. И многу скоро од денеска ќе се дознае, рече Мицкоски.