
Во издание на „Матица македонска“ излезе од печат шестиот том од Избраните дела на Блаже Миневски. Романот „Форензички извештај за една мува“ („Општа историја на сувото око“) е приказна за тишината на минатото и вревата на сегашноста. Приказна што се слуша кога читателот веќе завршил со читањето; приказна за читањето што се враќа како ехо на прочитаното. Потресна исповед на оној што го слуша тоа што го читал како да го чита некој друг. Сведоштво за љубовта на оној што чита и омразата на оној што слуша. Роман за тивката тага и бучната измама.
Главниот лик во романот, интелектуалец со одредена парапсихолошка дарба, експерт за звук и звучна изолација, случајно наследува огромен, таен фонд документи од својот татко, долгогодишен шеф на службите за државна безбедност. Како самец кој никогаш во животот не работел, освен што повремено дресирал улични кучиња, астрално внесен во потрага по мистериозни информации скриени во архивата, открива сензационални тајни од приватниот и јавниот живот на многу луѓе, но и многу историски записи и неверојатни факти за сопственото семејство.
Во времето што го реконструира слушајќи го она што веќе го прочитал, се случуваат буни и востание, револуции и контрареволуции, балкански и светски војни, терористички акции и природни катастрофи, всушност оживува цел еден какафоничен свет на катастрофи, звучни вибрации на историјата, акустични лавиринти на некакви политички мистерии, кои можеби се само некаква врева во неговата експертска глава. Паралелно со озвучувањето на документите, тој го изолира станот, односно ги тапацира ѕидовите со картонски подлошки за јајца, сметајќи дека вештачката врева на цивилизацијата ги уништува вистинските звуци на постоењето, звуците што доаѓаат од вселената, звуците што го создаваат животот, звуците на телото, автентичните звуци на човештвото.
На крајот, токму кога ќе помисли дека успеал да го победи звукот на пропаста во векот на катастрофите, а тој и неговиот контранараторски пес заслужено ја преживуваат катаклизмата што ја уништува меморијата на светот, всушност се случува главниот, завршен пресврт во романот: еден од соработниците на неговиот татко доаѓа да му ја каже вистината што не е запишана на хартија! По трагедијата што се случува во станот, преполн разузнавачки документи и отпадоци, еден од ликовите успева да замине, но што останува зад него?
Во последните сцени од романот се случува шокантниот расплет на приказната што го дознаваат само оние што ќе го прочитаат службениот извештај на вештакот.