Skip to main content

Со концерт на хорот „Менада“ и изложба „Два конца парај“ во Белград е отворен Македонскиот културен центар

Македонски културен центар во Белград / Центарот заеднички го отворија директорот Васко Шутаров и амбасадорот во Србија, Никола Тупанчески

Во петокот, на 11 април во новоотворениот простор на „Македонска“ бр. 30, започна да работи македонскиот Културно-информативен центар во Белград.

Првата програмска активност пред многубројната белградска публика ја поздравија и настанот заеднички го отворија директорот на Центарот, Васко Шутаров, и амбасадорот во Србија, Никола Тупанчески.

Посакувам овој наш дом на македонската култура да биде место каде што постојано ќе се облагородува емоцијата помеѓу македонската и српската култура и каде што секој оној што ќе посака да ја стопли душата со македонска емоција, да ја осети длабочината на македонската лирска душа и динамичноста на срцето коешто само кај Македонците чука во седум осмини, ќе биде секогаш добредојден – рече Шутаров.

Во пресрет на велигденските празници, хорот „Менада“ се претстави со пригодна програма составена од 8 духовни песни, неколку хорски обработки на македонски шлагери и една фолклорна тема од тетовското поднебје, кои го исполнија просторот на Центарот со една исклучително свечена и топла емоција.

фото: Македонски културен центар во Белград

Не помалку внимание предизвика и големата ретроспективна изложба „Два конца парај“ составена од 50 дела од Друштвото на ликовни уметници Македонци во Србија, за која беше изготвен пригоден каталог и плакат.

Изложбата ќе може да биде разгледана и на следниот значаен настан во организација на македонскиот КИЦ во Белград, а тоа е одбележувањето на Денот на македонскиот јазик, на 5 мај во 19:00 часот.

Поврзани вести