Skip to main content

„Лa тераца“ за 3.500 евра месечно ја доби концесијата за Македонско село

СОЗР

Фирмата „Ла тераца“ ја доби концесијата за работа со комплексот Македонско село во Горно Нерези за 3.500 евра месечно. Комплексот треба да почне да работи на 1 јуни, а концесијата е на 15 години.

Закупецот е избран по пат на електронско јавно наддавање, а пријавени биле две компании. Концесионерот поднесе и банкарска гаранција од 5 отсто од вкупната сума за закуп за 15 години.

Македонско село е изградено во 2011 година, а почна да работи на 22 јуни 2016. Владата инвестираше 5,2 милиони евра и 1,3 милиони евра за внатрешно уредување. Комплексот има 12 двокатни куќи, секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел.

„После години на затворање и уништување на сè што претставува културно наследство, идентитет и историја – конечно започнуваме ново поглавје. Комплексот ‘Македонско село’ не функционира речиси седум години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, а во меѓувреме, редовно се исплатуваа трошоците за осигурување и обезбедување и практично имаше финансиски загуби од над 300.000 евра. Со изборот на концесионер, правиме сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата“, соопштија од Службата за општи и заеднички работи при Владата.

Комплексот не работеше седум години.

Поврзани вести