Skip to main content

Европската комисија предложи царини од 25 отсто за американски производи како одговор на мерките на Трамп

Freepik

Европската комисија предложи воведување на одмазднички царини од 25 отсто за низа американски производи како одговор на царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на челик и алуминиум, јави Ројтерс повикувајќи се на документ до кој добила пристап агенцијата, пренесува БТА.

Според документот, дел од царините ќе стапат во сила на 16 мај, а остатокот на 1 декември.

Списокот на производи опфатени со мерката е разновиден и вклучува дијаманти, јајца, колбаси, живинско месо и други производи. Царините за бадеми и соја ќе се применуваат од декември.

Еврокомесарот за трговија, Марош Шефчович, претходно денеска изјави дека предложените контрамерки ќе имаат помало економско влијание од првично проценетата вредност од 26 милијарди евра (28,45 милијарди долари).

Од почетниот список се отстранети бурбон, вино и млечни производи. Комисијата во март разгледуваше можност за 50 отсто царина на американскиот бурбон, што доведе до закана од Трамп за воведување на 200 отсто одмазднички царини на алкохолни пијалаци од ЕУ — закана што особено ги загрижи Франција и Италија поради нивната силна винска индустрија.

Покрај новите мерки, ЕУ од 1 април ги зајакна постојните заштитни мерки за челик, со цел да го намали увозот за 15 отсто, а разгледува и можност за квоти на увоз на алуминиум.

Земјите-членки на ЕУ треба да гласаат по предлогот на 9 април.

Поврзани вести