Денес патувачката изложба „Толеранција“ на Мирко Илиќ ќе биде отворена во 19:30 ч. на Архитектонскиот факултет во Скопје. На отворањето на изложбата ќе присуствува и Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Проектот „Tolerance“ е најмасовната изложба на постери во светот, која досега ја посетиле повеќе од 600.000 луѓе. Изложбата била претставена во 40 земји, вклучувајќи ги САД, Бразил, Јапонија, Кина, Германија, Словенија, Аргентина, Босна и Херцеговина, Италија, Хрватска и Португалија.
Мирко Илиќ e роден во Босна во 1956 година, тој е познат стрип-уметник и графички дизајнер со седиште во Њујорк. По преселбата во Њујорк, Илиќ станал познат преку својата работа за Time, The New York Times и The Wall Street Journal, а неговите дела се дел од колекциите на MoMA и SFMOMA.
Проектот „Толеранција“ започнал во 2017 година по филмскиот фестивал „Куќа на толеранцијата“ во Словенија, кога Илиќ побарал од 28 уметници да дизајнираат постери со темата толеранција, пишувајќи „толеранција“ на својот роден јазик. Од тогаш, проектот патува низ светот, а во секој град се додаваат нови уметнички дела од локални дизајнери.
Македонскиот дизајнер Никола Војнов е автор на плакатот за изложбата во Скопје.
Изложбата „Толеранција“ на Мирко Илиќ на Архитектонскиот факултет е отворена за целата јавност и медиуми. Вчера, на Архитектонскиот факултет, Мирко Илиќ одржа и предавање на тема „Дизајн активизам“.