Skip to main content

Таравари и се заблагодари на Бугарија и на целиот бугарски народ за солидарноста

Сакам да изразам благодарност до нашата соседна земја Бугарија, Министерството, претседателот и целиот бугарски народ за оваа солидарност, која навистина остава силен впечаток во нашата земја, рече денеска на прес-конференција во „Пирогов“ министерот за здравство на Република Македонија, Арбен Таравари.

Како што пренесе БТА, Таравари и македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски допатуваа во Софија за да ги посетат хоспатилизираните во болницата „Пирогов“ кои беа повредени во пожарот во Кочани во неделата.

– На почетокот сакам да му се заблагодарам на министерот за здравство, бидејќи во неделата околу 3 часот ноќта се случи трагедија, а во 08:30 часот разговарав со министерот Кирилов, кој беше првиот министер за здравство што ми се јави, а тој ден разговарав со веројатно 15 министри за здравство од регионот и од други соседни и пријателски држави на Македонија. Сакам да се заблагодарам и на претседателот на Бугарија кој беше во редовна комуникација со нашата претседателка, како и на премиерот кој беше во постојан контакт со нашиот. Благодарен сум и за состојбата на пациентите кај Пирогов, изјави Таравари пред новинарите во Ургентниот центар.

Тој информира дека ги посетил сите девет пациенти кои дишеле со помош на апарати и додаде дека двајца од нив се веќе екстубирани, што е добар знак.

– А според лекарите, има огромни шанси утре да бидат екстубирани уште двајца, рече Таравари.

На новинарско прашање колку години имаат екстубираните пациенти, тој рече дека се на возраст од 15 до 31 година.

Македонскиот министер за здравство додаде дека денеска е планиран транспорт на уште 19 пациенти во странство, но не прецизираше во кои земји ќе се лекуваат.

Во Бугарија, каде денеска е ден на жалост поради трагедијата во Кочани, пренесени беа 14 повредени во трагедијата во Кочани.

Поврзани вести