
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изрази сочувство до семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, а на повреднеите им посака побрзо оздравување.
Во овие моменти на заедничка жалост да се здружиме и заеднички да покажеме колку сме хумани. Секој кој може на каков било начин да помогне, да го стори тоа, затоа што така на најдобар начин ја покажуваме почитта кон оние што ги погоди оваа голема трагедија. Длабоко сочувство до семејствата на починатите, Бог да им даде сила да ги издржат овие тажни моменти. На повредените млади луѓе им посакувам што поскоро закрепнување, напиша Јаневска.
Министерката информира дека семејствата на повредените од несреќата во Кочани кои во моментот се наоѓаат во Скопје можат да ги користат услугите за сместување и исхрана на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во општина Карпош, студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ во Гази Баба, ученичкиот дом во рамки на државното училиште за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ исто така во Гази Баба, студентскиот дом „Пелагонија“ и на ученичкиот дом во рамки на државното училиште за образование и рехабилитација „Димитар Влахов“, двата во Кисела Вода.