Skip to main content

„Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол повторно ја отвoраaт својата поетска сцена

Од 20 до 23 март, фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол повторно ја отвoраaт својата поетска сцена за љубителите на убавиот збор. По успехот на првата едиција на Деновите на поезијата, во март 2024 година, кои беа иницирани по повод 80 години од првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија, Песни од Ацо Шопов (1944) и Светскиот ден на поезијата (21 март), организаторите и оваа година ќе им дадат збор на сите генерации македонски поети, од основоположниците, преку современите афирмирани поети, па сè до оние кои допрва почнуваат да ја градат утрешнината на македонската поезија.

Книжевниците на кои ќе им биде оддадена почит на свеченото отворање на манифестацијата, во четврток 20 март, се Димитар Миладинов (по повод 215 години од раѓањето), Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години), Славко Јаневски и Лилјана Чаловска (105 години), Гого Ивановски (100 години), Абдулазис Ислами, Фахри Каја и Бистрица Миркуловска (95 години), Адем Гајтани (90 години) и Игор Исаковски (55 години), а ќе биде одбележан и 95 роденден на Георги Сталев. 

Нивните стихови ќе прозвучат низ гласот на Никола Ристановски, со придружба на студенти од Факултетот за драмски уметности и од Факултетот за музичка уметност при УКИМ, а за нив ќе зборува Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература. 

Аврамовска ќе се осврне и на другите значајни овогодишни јубилеи, како што се: 150 години од објавувањето од „Речник на три јазика“ и 145 години од објавувањето на „Слогница речовска“ од Ѓорѓија Пулевски; 135 години од првата докторска дисертација за македонскиот јазик на балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг; 100 години од објавувањето Абецедарот – буквар на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција, подготвен од специјална комисија на грчката влада, под покровителство на Друштвото на народите во Женева, отпечатен во Атина; и 80 години од усвојувањето на македонската азбука и македонскиот правопис, како и од печатењето на првиот Буквар во слободна Македонија. 

Омаж ќе им биде оддаден и на двајца поети кои нè напуштија меѓу две едиции на манифестацијата, Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, како и на двајца поети кои изградија поетски мост помеѓу нашата земја и африканскиот континент, Леополд Седар Сенгор и Ацо Шопов.

Во овој сегмент ќе ги слушнеме Сашо Гигов-Гиш, Петар Ренџов, Никола Ристановски и Игор Џамбазов.

Светскиот ден на поезијата, петок 21 март, ќе биде во знакот на најмладите, со настап на ученици од ОУ „Владо Тасевски“ и од гимназијата „Никола Карев“, од Скопје, а во соработка со издавачката куќа „Чудна шума“ ќе биде отворена и изложбата „Бушава азбука“ со репродукции на цртежите на Душан Петриќ во истоимената книга од Горан Стефановски. „Убавата приказна на нашата азбука“ на децата ќе им ја раскаже Весна Мојсова-Чепишевска, а за азбуката, од аспект на новите технологии, ќе разговараме со типографот Ласко Џуровски. 

„Во дослух со Шопов“ е насловот на средбата со претставници на Македонскиот ПЕН центар и добитници на наградата „Ацо Шопов“, која во сабота 22 март ќе ја води Владимир Мартиновси, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и претседател на Македонскиот ПЕН центар, а во која ќе учествуваат Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан, Зоран Анчевски, Славе Ѓорго Димоски и Ивица Џепаровски.

Веднаш по нив, разговорот помеѓу Сотирис Минас и Иван Антоновски ќе им биде посветен на македонско-грчките поетски координати.

Истиот ден, во салите на киното Синеплекс, ќе се одржи и традиционалниот Државен рецитаторски натпревар, во организација на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература. 

Преку ликовите на Санде Стојчевски и Павлина Атанасова, две поетски генерации ќе се сретнат во „Диптих“ кој, во недела 23 март, ќе го води Јулијана Величковска, пред да ги претстави учесниците од „Скопје СИ ТИ, настан наменет за поддршка на најмладите поети, во организација на „ПНВ публикации“ и „Култура бета“.

Како и минатата година, посетителите ќе имаат можност не само да присуствуваат туку и лично да учествуваат во манифестацијата, испишувајќи по некој стих на „Ѕидот на поезијата“ за што ќе добијат ваучер за попуст во локалите „Amigos”, „Play”, „Trend” и „La Cucina”. Но годинава Скопје Сити Мол оди уште похрабро во пресрет на публиката, и ја кани да чита стихови на неговата „Отворена поетска сцена: Сите сме поети!“, за што предвидува награди во „Поетското тркало на среќата“. 

Меѓу новитетите што се внесени во оваа едиција на Деновите на поезијата спаѓаат и активностите посветени на најмладата публика. Покрај настаните во изведба на ученици од основното и средното образование и изложбата „Бушава азбука“ која им е специјално наменета, издавачката куќа „Чудна шума“ ќе организира ликовни работилници на истата тема во текот на сите денови од манифестацијата.

И уште еден новитет: за првпат во државата, Деновите на поезијата иницираат саем посветен исклучиво на поетски книги, во организација на „ПНВ публикации“. 

„Поезијата е и стварност и фантазија, мит на јавето за блиското и далечно минато, за блиската или уште подалечна иднина“, рече одамна духовниот татко на манифестацијата, Ацо Шопов. Дојдете во Скопје Сити Мол да го споделиме тој простор меѓу стварноста и фантазијата!

Фондација „Ацо Шопов – Поезија“