
Околу стотина уметнички дела кои се дел од богатата колекција на Музејот на современа уметност – Скопје првпат ќе се претстават во Модерна галерија/Музејот на современа уметност Метелкова во Љубљана, Словенија во рамки на изложбата насловена „Ткаење светови: две колекции во разговор“ закажана со отворање за 24 април, соопштија од МСУ.
Изложбата ги истакнува делата од Музејот на современа уметност во Скопје и Модерна галерија, Љубљана, изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата. „Ткаење светови: две колекции во разговор“ се фокусира на еманципацијата на медиумите, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на еколошките прашања од времето на Капиталоценот.
Изложбата е курирана од Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Бојана Пишкур а се планира да се затвори на 8 февруари 2026 година.
Оваа изложба е градена врз основа на комуникацијата и размената на знаења на колекцијата на солидарноста на МСУ – Скопје со интернационално познатата и високо вреднувана колекција на МГ+ МСУМ од Љубљана насловена „Артист 2000+“(Arteast 2000+). Односно, идејата на оваа изложба е реципроцитет и соработка со сродни институции во странство, па оттаму, дел од колекцијата на МСУ – Скопје ќе се претстави во МГ+ МСУМ во Љубљана на 24 април 2025 година, а дел од нивната колекција ќе се претстави кај нас во втората половина на 2025 година. Станува збор за две различни, но надополнувачки изложби кои претставуваат дела од значајни автори од многу земји од светот, но и овоможуваат поинаков изложбен и критичко-теориски приод кон самите колекции, додаваат од МСУ.