
Издавачката куќа „Антолог“ го објави „Земја“, романот, за како што велат од „Антолог“ за негрижата на планетата што ќе го промени нашето гледиште на светот, од шпанскиот писател Елој Морено. Преводот е на Виолета Јагев.
Најбогатиот човек на планетата создава ријалити шоу што будно го следи целото човештво на малите екрани и преку социјалните мрежи.
Медиумскиот магнат испраќа осуммина на Марс за да ја создаде првата колонија надвор од Земјата, но без шанси да се вратат. По неговата смрт, неговите деца, син и ќерка, веќе возрасни луѓе, треба да завршат игра почната во детството што тој ја дизајнирал. Наградата за успешно завршената игра е исполнување на најголемата желба на секој од нив… Но ништо не е како што изгледа и вистината станува сложена загатка што треба да се открие, за да сфатиме на крајот дека главниот проблем кога ја бараме вистината настанува кога ќе ја најдеме и не знаеме што да правиме со неа.
Неодамна авторот Морено стана новиот светски рекордер за писател со најмногу потпишани книги во еден ден. Неговите дела секогаш носат ангажиран однос кон заедницата.
Елој Морено (1976) е шпански писател. Студирал компјутерски менаџмент и работел во компјутерска компанија. Поради големата љубов кон книжевноста, својот прв роман го објавил самостојно и го продал во повеќе од 200 000 примероци. Подоцна објавува уште неколку романи, од кои најпознат е „Невидлив“ (2018). Автор е и на тритомно дело наменето и за возрасните и за децата, веќе прифатено како лектира во многу образовни центри. Сакајќи да им помогне на младите писатели во 2016 година, започнал курс за самиздати.
Виолета Јагев (родена 1953) е дипломиран инженер технолог и преведувач од шпански јазик. Живеела во Перу 17 години, каде што на шпански јазик завршила основно и средно образование и првите две години на факултетот за петрохемија. Дипломирала на Технолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со преведување се занимава од 1979 година и има над 40 книжевни преводи. Добитник е на наградата за превод „Ванѓа Ча¬шуле“ во 2012 година и на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преве-дувачкиот опус во 2017 година на Советот на Меѓународната средба на книжевните преведувачи.