Skip to main content

Притвор од 30 дена за Капушевски, за Јахоски определен куќен притвор

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва им определи мерка притвор во траење од 30 дена на бизнисменот Ратко Капушевски и на уште две лица опфатени со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, а на сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски му одреди куќен притвор.

По прoизнесување на Јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, го прифати предлогот на Јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци. Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за  промена на  предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка, соопшти вечерва Кривичниот суд

За останатите седум осомничени кои беа спроведени во Судот, судијата го прифати предлогот на Јавниот обвинител и донесе решени за определување на мерки за претпазливост.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

По повеќемесечна предистражна постапка во предмет што во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е оформено по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата, во текот на вчерашниот ден и денес беше спроведена акција на повеќе локации во Скопје, Велес и Кичево во која се приведени 11 лица, соопшти Обвинителството.  

Поврзани вести