
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски остварил тет-а-тет средба со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер, по што следувал и работен состанок со судиите на Уставниот суд – Осман Кадриу, Насер Ајдари, Добрила Кацарска, Татјана Васиќ Бозаџиева, Јадранка Дабовиќ, Ана Павловска-Данева.
Костадиновски ја информирал Агелер за приоритетите во неговиот мандат, како и за внатрешните и надворешните предизвици со кои се соочил Уставниот суд во неговото работење изминатиот период.
Како што информира Уставниот суд, Костадиновски потенцирал дека има напредок во транспарентноста и како пример посочил дека се подготвуваат за целосно снимање и пренесување во живо на подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците.
Судот во овој капацитет преку активностите кои се преземаат за поголема одлучност и бескомпромисност во постапувањето, надополнети со транспарентност и судски активизам работи засилено на враќањето на довербата во владеењето на правото и зголемување на довербата на граѓаните во Уставниот суд. Особено ќе го потенцирам напредокот во полето на транспарентноста и како пример ќе го дадам фактот дека се подготвуваме за целосно снимање и пренесување во живо на подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците, кој претставува исклучително сензитивен предмет и за кој ќе овозможиме на граѓаните да видат и слушнат со свои очи дека одлуките во Судот се носат објективно и без било какви влијанија, истакнал Костадиновски на работната средба што се одржала вчера во просториите на Уставниот суд.
Тој информирал дека Судот ќе остане непоколеблив и „без оглед на сите обиди за политизација и етнизација на работата и постапувањето, цврсто ќе стои зад заштитата на Уставот и слободите и правата на човекот и граѓанинот“.
Основната надлежност на Уставниот суд е да ја штити состојбата на уставност во правниот поредок. Тоа значи дека сите акти и дејствија на сите власти да бидат усогласени со Уставот. Крајно време е сите кои и мислат добро на државата своите јавно изнесени заложби за посветеност на владеењето на правото да ги направат реални, а не лажни или декларативни, изјавил претседателот на Судот.
Амбасадорката Агелер, се наведува во соопштението, ја изразила поддршката од САД за враќање на довербата во правната држава преку транспарентни постапки и одлучување исклучиво според Устав и законите.
Амбасадорката Агелер ги охрабри судиите да одолеваат на било какви влијанија и притисоци во постапувањето и кога ќе влезат на седница да ги остават настрана сите останати улоги, а пред се да бидат уставни судии, соопшти Уставниот суд.
Судиите ја поздравиле долгогодишната поддршка од САД за владеење на правото. Судијата проф.д-р Павловска-Данева кажала дека е потребна поддршка од сите фактори за да се овозможи снимање на седниците на кои судиите дискутираат и ги градат случаите.
Особено важно за нас е што јавно ја изразувате поддршката во транспарентните постапки, да ние сме свесни дека во многу земји таков начин на водење постапки со снимање во живо не е случај, но да не заборавиме основно е што таму имаат сосема поинаква уставна култура, изјавила судијата Павловска-Данева.
Долгогодишната поддршка во владеењето на правото од страна на Амбасадата на САД во земјава ја поздравил судијата Осман Кадриу.