
Државниот симфониски оркестар од Солун на 17 мај, со почеток во 19.30 часот, првпат ќе настапи во салата на Македонската филхармонија. Гостувањето на овој оркестар во Скопје доаѓа по заедничкиот настап на Македонската, Солунската и Софиската Филхармонија во Софија, каде на 17 февруари се реализираше изведбата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Менаџментот на Македонска филхармонија е во финални преговори и за концерт на Македонската филхармонија во Солун.

На заедничката средба во Солун, во октомври минатата година, со Најден Тодоров, директор на Софискатата филхармонија и Симос Папанас, директор на Државниот симфониски оркестар од Солун го договоривме концертот во Софија, и разговаравме овој концерт да се повтори и кај нас и во Грција. Во меѓувреме со Папанас го договоривме настапот на Солунската филхармонија во Скопје, а во финални преговори сме и за нашиот концерт во Солун, кој треба да се реализира кон крајот на јуни. Во меѓувреме ќе потпишеме и меморандум за соработка помеѓу двете институции. Ова е уште една потврда дека културата руши бариери и создава и гради нови пријателства и можност за идни заеднички соработки – вели Александар Котевски, в.д. директор на Филхармонија.

Како солисти на концертот на Солунската филхармонија ќе настапат нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески и грчката сопранистка Мирто Папатанасиу. Диригент е Владимирос Симеонидис од Грција, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар во Ге-дур од Морис Равел, „Пет народни грчки песни“ во оркестрација на Равел и Розентал, „Ла валс“ од Морис Равел, како и неколку композиции од грчкиот композитор Емил Риадис.