
Во организација на специјализираниот портал за ракомет „samorakomet.mk“ денес во Скопје се одржува панел-дискусија „Ракометот спорт број 1?“. Горан Ѓоргоноски основач на проектот „Ракомет за секое дете“ зборуваше за промоцијата на ракометот, регрутирање и услови за создавање млади играчи.
-Фактите покажуваат дека ракометот е спорт број 1 во Македонија. Но морам да кажам дека во Скопје ракометот не е ниту во првите три центри кои придонесуваат до регрутирање деца во базата. Фудбалот, женската одбојка и кошарката се пред ракометот кај децата од 6-12 години. Затоа, клубовите мора да сфатат дека треба да поработат на промоција кај децата на оваа возраст. Клубовите мора да имаат маркетинг служба која ќе им го доближи ракометот на младите генерации и да им посочат на родителите што ќе добијат нивните деца со практикување на овој спорт, рече Ѓоргоноски.
Тој ги повика и медиумите да им отстапат повеќе простор на ракометните натпревари и да имаат свој придонес во афирмацијата на овој спорт.
За ракометот помеѓу младите во Битола говореше Стефче Стефановски, координатор за младите категории во Еурофарм Пелистер.

-Ние се соочуваме со проблеми околу термините во салите. Немаме доволно слух од надлежните. Во Битола ракометот е спорт број 1 без сомневање. Затоа заслужуваме поддршка, а на нас е да ги поттикнеме и децата од целиот регион. Неопходна е и поддршка од федерацијата од аспект на селектирање на најдобрите млади ракометари, испраќање на кампови, организирање повеќе натпревари, особено меѓународни, истакна Стефановски во својата дискусија.
Учесниците во првиот дел од панел-дискусијата заклучија дека финансиите, стручноста на тренерите, условите за работа, медиумската поддршка, федерацијата, наставниците, но пред сè клубовите се факторите кои се клучни за регрутирање и создавање млади ракометари