Skip to main content

Собранието има рок од шест месеци за измена на Кривичниот законик, одлучи Уставен суд

Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик. Како што изјави претседателот Дарко Костадиновски, Судот изразил сериозен сомнеж за уставноста на оспорениот закон во целина и донел одлука да му наложи на собранието во рок од шест месеци да ги направи неопходните измени и да се усогласи со аргументите на Судот. Доколку Собранието не го стори тоа, ќе следува укинувачка или поништувачка одлука од Уставниот суд.

Оваа одлука следува по денешната седница на која Уставниот суд расправаше за иницијативата за измените на Кривичниот законик од септември 2023 година кои вклучуваа намалување на казните за функционерите, што предизвика реакции и спротивставени мислења за уставноста на законот. Мнозинството од судиите на седницата посочија дека треба да се поведе постапка бидејќи законот е штетен и има далекусежни последици, но дел од нив тврдеа дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието.

На седницата, како што кажа и Костадиновски на денешната прес-конференција, доминираа два сета на уставно правни аргументи, првиот поврзан со формалната уставност на законот, вториот сет со материјалната уставност на законот.

Судот и по двата основи, односно мнозинството судии, оцени дека основано може да се доведе под сомнеж уставноста на законот во целина, рече тој.

Во поглед на формалната уставност ги издвои употребата односно злоупотребата на европското знаменце, отсуството на образложение, различен „vacatio legis“ ( периодот помеѓу објавувањето на закон и неговото стапување во сила).

Додека, во делот на материјалната уставност посочи дека е неспорно дека собранието има уставни надлежности да ги нормира општествените односи или веќе нормираните да ги изменува и дополнува, но притоа исто како и Уставниот суд, има должност да води сметка за она, како што рече, „што се нарекува реален устав, непишан устав, она што значи уставна стварност, општествена реалност во која живееме“.

За жал по оцена на судиите, Собранието се апстрахирало од ваквата реалност кога го донел оспорениот закон, рече претседателот на Уставен.

Причината поради која немаат класична одлука за поведување на постапка, е, како што рече, од причина да не настане правен вакуум во казнената политика.

Затоа, му даваме уште една шанса на собранието, да се коригира, да се согласи со нашите стојалишта, во случај тоа да не го стори ќе следува укинувачка или поништувачка одлука од уставниот Суд, дополни претседателот.

Во однос на прашањето доколку дојде до укинување или поништување, од што ќе зависи тоа за кое ќе се одлучат, тој рече од одлуката на судиите како ќе ја оценат тежината на уставната повреда, значењето на таа повреда, правната сигурност и низа други околности.

На прашањето дека одлуката е донесена многу доцна тој одговори дека предметот го добил во декември 2024 година и веднаш бил ставен на седница.

Се согласувам со вашата констатација дека Уставниот суд треба да биде побрз кога ќе увиди дека е донесен закон кој може да биде ставен под сомнеж во која било област, а може да настапат штетни последици, дека треба по итна постапка да се одлучува, рече Костадиновски.

Судијата известител, Елизабета Дуковска, образложувајќи го рефератот на почетокот од втората седница на Уставен суд, денеска посочи дека наводите на подносителот се неосновани и предложи судот да ја отфрли иницијативата. По двочасовната дискусија, мнозинството од судиите посочија дека треба да се поведе постапка бидејќи законот е штетен и има далекусежни последици, но дел од нив тврдеа дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието.

Одлуката следува по иницијативата поднесена од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, во која се наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните. Според Трајанов, расправата во Уставниот суд е задоцнета, бидејќи иницијативата е поднесена во септември 2023 година кога измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени по скратена постапка и со европско знаменце.

На 6 септември 2023 година Собранието ги донесе измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа реакции во јавноста, правната фела и Европската комисија. Измените ги намалија казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, што предизвика негативни реакции. Власта ги правдаше измените со усогласување со директивите на ЕУ, додека опозицијата ги сметаше за обид за амнестија на функционерите.

Во меѓувреме, Министерството за правда работи на нови измени за отстранување на штетните последици од измените од 2023 година и очекува новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Новиот закон ќе се фокусира на унапредување на санкциите за тежок криминал и корупција, како и на заштита на човековите права.

Поврзани вести