![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/d-r-sima4-1024x768.jpg)
Расте свесноста за промените во животот на жената, за периодите на перименопауза, менопауза, жените знаат повеќе, се информираат, се обидуваат подготвено да го дочекаат тој период од животот. За важноста на естрогенот, за појавата на топлите бранови, мозочната магла, што се случува со телото кога е во хормонална нерамнотежа, дали помага хормонската терапија, за разликата меѓу перименопауза и менопауза, дали и мажите поминуваат низ овој период, разговаравме со доцент д-р Анета Сима, специјалист гинеколог – акушер на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Пред неколку години ГАК почна со бесплатни превентивни прегледи во месец октомври, кога се одбележува Светскиот ден на менопаузата со цел да се подигне нивото на свесност и лекарите се многу задоволни од одѕивот на пациентките. Во план е отворање на центар во склоп на Клиниката во кој ќе функционира поединечна самостојна амбуланта за менопауза.
Што прво Ве прашуваат жените кои се во менопауза кога ќе дојдат на преглед?
Д-Р СИМА: Во последниве години, прашањата се поконкретни, пациентките се посвесни и прашуваат логични работи. Прашуваат за промените околу менструалниот циклус, прво е тоа што ги загрижува и дилемата дали се, како што тие велат во ‘климакс’ или ‘климактериум’ и второ, колку е тоа сериозно, дали треба да се плашат, што треба да преземат. Ние, како лекари, сме среќни, бидејќи пациентките се свесни и конкретно знаат што прашуваат. Важно им е да се информираат дали се во менопауза, дали треба да се загрижат и што треба да сторат за тој период да го поминат побезболно.
Како се доаѓа на преглед на ГАК, дали матичниот гинеколог ги испраќа на Клиниката?
Д-Р СИМА: Во минатото доаѓаа само кога имаа проблем. Ние се вклучувавме, правејќи проценка, гинеколошка, и соодветно на возраста поставувавме целни прашања за менопауза.Тие пациентки тогаш не знаеја каде да се обратат, сметаа дека тоа е нормална појава што треба да ја доживеат, преживеат, без да побараат помош. Сметаа дека е тоа состојба за која не постои третман и едноставно така треба да помине, само од себе. Пред неколку години дојдовме на идеjа да го подигнеме нивото на свесност и да зборуваме за ова состојба. Започнавме со организирање на бесплатни превентивни прегледи во соработка со медиумите. Тоа го правевме во месец октомври, кога се одбележува Светскиот ден на менопаузата. Оттаму дојде идејата и така почнавме. Од година во година имавме се повеќе одѕив. Сега имаме впечаток дека токму тоа придонесе навистина да се подигне свеста. Изненадени сме кога ќе дојдат пациентките во амбуланта, знаат и прашуваат и веќе се солидно информирани. И матичните гинеколози се запознаени дека постои такво нешто, дека работиме на таа проблематика. Во план е отворање на центар во склоп на Клиниката во кој ќе функционира поединечна самостојна амбуланта за менопауза. Пациентките ќе има каде да се обратат. Ќе работат колеги кои ќе се бават со оваа проблематика и ќе добијат вистински информации.
Зошто е толку важен естрогенот во телото на жената?
Д-Р СИМА: Естрогенот е популарниот женски хормон, кој се излачува и кај мажите, но во многу помали количини. Естрогенот ни одалеку не е одговорен само за женското репродуктивно здравје, туку е одговорен и за многу други процеси во организмот. Речиси нема органи или системи во телото на човекот којшто директно или индиректно не е вклучен естрогенот во нивното дејство. На секој орган му е неопходен овој хормон за негово функционирање, почнувајќи од мозокот, крвните садови, коските, мускулно-скелетниот систем…Буквално естрогенот е потребен за секоја клетка.
Како се манифестира кога неговото ниво се намалува во телото на жената?
Д-Р СИМА: Бројни и најразновидни се симптомите на дефицит на естрогенот во телото на жената. Најпрво, менструалните циклуси стануваат нередовни, се јавуваат ноќни потења односно валунзи, топли бранови, настанува сувост, атрофија на урогениталниот епител, пореметување во метаболичкиот профил, поконкретно во метабилизмот на гликозата и метаболизмот на мастите, телесна прераспределба на масти, се оштетува еднотелот на крвните садови, станува поранлив, се јавува зголемена склоност кон артериосклероза, значи зголемен ризик кон кардиоваскуларни случувања како последица на артериосклероза, зголемен ризик од срцеви заболувања, мозочен удар. Да не го заборавиме мозокот како клучен фактор за функционирање на секоја единка. Тука настапуваат поизразени промени, емоционална нестабилност, нерасположение, ткн. мозочна магла, успореност, потешкотии во концентрација. Буквално имаме успорување на оваа мозочна функција. Во однос на мускулно-скелетниот систем дефицитот на естроген доведува до разредување и ослабување на коскената густина, зголемена склоност и појава на остеопороза, болки во коски, мускули, лигаменти.
![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/d-r-sima12-1024x768.jpg)
Дали жените знаат да ги препознаат симптомите за менопауза или ги мешаат со други болести?
Д-Р СИМА: Никогаш не сме сигурни се додека не направиме некои испитувања според нашите протоколи. Се прави анамнеза за да видиме на што се жали пациентката, какви тегоби има, потоа се прават лабораториски иследувања, ултразвучен преглед. Врз основа на овие испитувања може да кажеме со сигурност дали е перименопауза или не. Пациентките може сами да се пожалат, но наше е да ја поставиме дијагнозата.
Која е разликата меѓу перименопауза и менопауза?
Д-Р СИМА: Кај пациентките, односно жените, популарно називот за менопазуза е ‘климакс’ или ‘климактериум’. Тоа е поширок поим којшто ги вклучува во себе периодите на мепопауза. Има перименопауза, што е всушност една транзиција од репродуктивниот период кон менопауза. Овој период знае да биде доста интензивен, со мноштво симптоми кои првпат се јавуваат кај пациентките,знае да биде многу бурен и динамичен и се поклопува со некои други симптоми во однос на болести и заболувања во гинекологијата. Тоа е оној прв момент кога тие препознаваат дека нешто се случува. Таа ткн. транзиција може да трае индивидуално, кратко или подолго време. Најмногу околу пет години. Потоа следува прекин на менструалниот циклус. Ако изостанува една година, тогаш зборуваме за менопауза. Значи, оваа дијагноза ја поставувавме ретроградно, откако ќе изостане една година циклусот. Периодот што следи после тоа е постменопауза. Има рана постменопауза до 70-та година и потоа доцна постменопауза (сениум).
Зошто некои жени едноставно лесно поминуваат низ овој период, не се жалат на никакви промени, а некои тоа многу бурно го преживуваат?
Д-Р СИМА: Сите пациентки се различни, со различни доживувања, различна структура, градба на организмот, сосема е индивидуално, нема правила, нема научно објаснување зошто некоја жена има тегоби, а друга нема. Доминира психолошкиот момент како секоја жена го доживува овој период. Значи говориме за прагот на толеранција на симптомите, емоционалната состојба во која се наоѓа. Многу фактори влијаат на тоа како една пациентка ќе го помине овој период. Има пациентки кои се спремни, едуцирани, го прифаќаат ова како неминовност, сметаат дека станува збор за минлива состојба. Прават многу работи за да го надминат, спремни влегуваат во оваа фаза од животот. Има и такви кои страдаат во овој период, кој воопшто не е краток, тоа не треба да се заборави и не би било логично, ниту потребно тие пациентки долго да се измачуваат и да не бараат помош. Сепак, станува збор за физиолошка состојба за која има решение. И во овој период од животот може да се живее квалитетен живот.
Зошто имаме „мозочна магла“, зошто забораваме?
Д-Р СИМА: Намалување на естрогенот влијае и на успорување на функцијата на мозокот. Тоа е еден физиолошки механизам на пренос на податоци и информации, преку нервните клетки и завршетоци во мозокот. Овој дефицит прави една успореност во пренос на тие информации и оттаму резултираат сите тегоби што ги чувствуваат пациентките. Оттаму е успореноста, емоционалната нестабилност, заборавеност, мозочна магла.
Дали и мажите поминуваат низ менопауза? Дали и ним им е еднакво тешко колку и нам?
Д-Р СИМА: Менопаузата кај мажите се нарекува андропауза. Кај мажите доминира хормонот тестостерон, кој го има и кај жените во многу помала количина. И кај нив намалувањето на тестостеронот предизвикува промени за андропаузата. Истражувањата покажуваат дека нивните тегоби се малку помалку изразени отколку кај жените.
Како да си помoгнеме, како да се издржи оваа транзиција на организмот? Дали потоа ќе биде подобро?
Д-Р СИМА: Апелирам да не се бара помош и да не се бараат информации на интернет и пациентките да не ги интерпретираат како што сами знаат и како што мислат. Прво и најважно е да побараат стручна помош за се што ги загрижува. Може да побараат информации и да поразговараат со општиот, семеен лекар, или интернистот. За која било тегоба која ќе се јави во овој период да разговараат со стручно лице. Ние не лекуваме секакви состојби, само дијагностицираме гинеколошки состојби и понатаму ги пренасочуваме според тоа какви тегоби имаат, бидејќи не е во наш домен да ги лекуваме сите симптоми. Во овој период може да се преклопуваат симптоми од други органски системи, интернистички, ендокринолошки. Пациентките треба да бидат свесни дека со стареењето на организмот се јавуваат и други коморбидитети, не само од гинеколошки аспект. Ние сме тука да ги насочиме, да го санираме гинеколошкиот дел и ги насочуваме каде понатаму да бараат помош. Помош постои, само треба да се јават на стручно лице.
Што се случува во телото кога има хормонален дисбаланс?
Д-Р СИМА: Самиот збор дисбаланс укажува на тоа дека има пореметување во многу сфери, во менструланиот циклус, метаболичкиот профил, се менува метаболизмот, мозочната функција, локомоторниот апарат. Имавме ситуација во која пациентка се пожали дека се чувствува како да и се случува елементарна непогода. И во буквална смисла на зборот, тоа го прави хормоналниот дисбаланс.
Помага ли хормонската терапија? Кому му се препорачува? Некои мислат дека е штетна?
Д-Р СИМА: Ние како поднебје, како земја, сме познати дека избегнуваме хормонски препарати. На овие простори тоа е еден вид табу тема. Со текот на времето, овој став се менува. Хормонска терапија не се препишува рутински и не се препорачува за секоја пациентка. Само лекар може да одреди кога е таа непоходна, кога и под кои услови треба да се препише. Постои цел протокол на испитувања кои ние го спроведуваме за да процениме дали пациентката е или не е за хормонска терапија. Не постои унифицираност во препишување на хормонска терапија. И ако се препишува, пристапот треба да биде индивидуализиран. Секоја пациентка е приказна за себе. Нема правила. Или да избереме еден препарат и да го делиме на сите. Тоа е многу погрешно. Покрај хормонската терапија, во поново време во лаборатории се произведуваат синтетички хемиски препрати чиј состав е растителен. Тие се добиваат од соединенија слични на хормоните во човечкото тело. Тоа се биоидентични хормонски препрати што за среќа ги има кај нас. Тие се сосема добра алтернатива за хормонска терапија, но и тие не се без ризик. Внимаваме како и каде ги препишуваме. Пациентките повеќе ги прифаќаат. За да стигнеме до оваа терапија, има плејада работи што треба да ги направиме. Прво, сите се информирани за постоење на суплементи, најпрво од групата на фитоестрогени, најпопуларна е сојата и црвената детелина, најпознати меѓу нашите пациентки. Имаме искуства за користење на разни други растенија, корени од растенија, прав, делови од растенија кои се по потекло од Индија, Азија, кои се покажеле дека имаат солиден ефект. Многу се популарни, се користат и даваат сосема солидни резултати. Освен овие суплементи, основно, иако можеби звучи како клише, но многу е важна промената на животниот стил. Исхраната. Тоа најтешко го прифаќаат пациентките и се најнезадоволни кога почнуваме од тука. Редукција на телесна тежина, активен животен стил, редовен сон, избегнување стрес, се она што означува квалитетен живот е најтешко за спроведување кај пациентките. Сите бараат решение во форма на таблета, така им е најлесно. А препораките се прво да се почне со промена на стилот на живот, а потоа да се воведат суплементи и на крај, ако нема успех, да се оди на хормонска терапија. Ако сериозно го загрозува животот, тогаш реагираме побрзо. Немаме време кај секоја пациентка да чекаме шест месеци промена на животен стил. Сами проценуваме каде може да интервенираме со хигиено-диететски режим и промена на животен стил.
Како жените во Македонија го прифаќаат овој премин во менопауза?
Д-Р СИМА: За среќа, жените кај нас активно учествуваат и активно го прифаќаат овој период од нивниот живот. Бараат помош жените во Македонија, бараат решение. Свесни сме дека не можеме против природата и против биолошкиот часовник, но максимално се трудат да изгледаат убаво, да бидат здрави, да бидат среќни и задоволни жени и покрај обврските во домот, семејството и на работа.
Во иднина, се трудиме во соработка со стручните здруженијата да делуваме интердисциплинарно. Оваа иницијатива потекна од нас, гинеколозите. Делумно успавме да искомуницираме со колегите од другите специјалности. Неопходни ни се интернисти, кардиолози, ендокринолози, нутриционисти, ортопеди, доктори по физикална медицина, психолози. Некако да се интегрираме и заеднички да делуваме кај овие пациентки. Фокусот е да работиме интердисциплинарно, да си помагаме со колегите од другите специјалности. се надевам дека тоа ќе ни го овозможи новиот кабинет и поактивно ќе работиме и ќе бидеме фокусирани на оваа проблематика.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото/Видео: Александар Ивановски
Монтажа: Александар Арсовски