Пијанистот од светски глас Симон Трпчески на 20 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе одржи предновогодишен концерт во организација на „Прагма продукција“. Со Трпчески ќе настапат македонски уметници, ќе има светска премиера на една авторска композиација и неколку изненадувања, беше најавено на денешната прес-конференција.
Концертот е составен од два дела – во првиот е свита од балетот „Оревокршачка“ на Чајковски со четирирачна изведба на пијано, за која на Трпчески ќе му се придружи пијанистот Шкељзен Бафтијари, негов поранешен студент, активен во образовната дејност. Ќе настапи дел од балетскиот ансамбл на Национлната опера и балет, балетските првенци Марија Кичевска и Бобан Ковачевски.
Во вториот дел од програмата, која денеска на прес-конференција ја соопшти Трпчески, ќе биде класичен репертоар и изведба на дела од Моцарт, Лехар, Верди, Штраус…, изведени од, како што рече, „цела палета музичари“, меѓу кои ќе бидат и членови на ансамблот на неговиот проект „Македонисимо“. Ќе бидат изведени и избор од класици во поп музиката, како легендите Дин Мартин, Френк Синатра, Нет Кинг Кол, Мараја Кери и Мајкл Бубле. Нивните нумери ќе бидат обработени специјално за овој концерт од композиторот Панде Шахов. Ќе настапат и двајца оперски солисти – сопранот Гонца Богоромова-Краповски и баритонот Иван Наумовски кои ќе дадат поинаква димензија на овие класици.
За мене е огромна чест и задоволство. Овој концерт со Симон го планиравме одамна, но поради презафатеноста и ангажманите, тешко ни одеше договарањето на термин. Отсекогаш имавме желба да работиме со ваков ументик кој за нас лично, за „Прагма“ продукција, тој е на врвот. Уште на првиот составнок со Симон, му ја раскажав идејата и се разбравме за половина час. Му реков: Сакам да направиме предновогодишен концерт кој ќе биде за сите, и за оние кои слушаат и ја разбираат класичната музика и оние кои не ја разбираат. Ќе бидете сведоци на нешто што досега не било презентирано кај нас и се надевам дека ова ќе прерасне во традиција и секој декември ќе се гледаме на истото место со нови теми. За мене, во 15-годишното работење на продукцијата, концертот на Симон Трпчески е врвот во нашата кариера, рече првиот човек на „Прагма продукција“, Кристијан Стефановски.
Маестро Трпчески кажа дека му е посбено драго што со овој концерт на поврзување на класиката и на поп композиции, ќе се доближи уште повеќе до публиката, а пред се до децата.
Ова го гледам како еден вид предизвик зашто е прв новогодишен концерт целно направен во Македонија. Имав одамна желба да направам нешто вакво. Она што мене ми импонира е дека на овој концерт македонските музичари ќе имаат можност да се претстават на врвно уметничко ниво. Ја поздравувам иницијативата на организаторот. Имаме можност да направиме нешто убаво за публиката, изјави Трпчески на прес-конфренцијата..
Трпчески настапува во концертни сали и ретко во простор како што е арената „Борис Трајковски“. Последен пат, рече, настапил во арената во Вилнус по успехот на македонската кошаркарска репрезентација.
Мислам дека „Прагма продукција“ е прилично искусна и техничкиот аспект ќе биде дополнителна мотивација сето тоа да изгледа како што доликува на нивото – и на нивното, и на моето работење. Не е лесно, меѓутоа ние ќе се потрудиме сето тоа да изгледа како што треба и целата аудиовизуелна перцепција на публиката да биде позитивна, рече Трпчески.
Претставникот на продукцијата рече дека организирањето концерт со ваков концепт и формат во спортска сала е предизвик, но дека имаат опрема и инженери специјалисти за озвучување и за приспособување на салата за ваков вид настани.
Не ни е прв пат да организираме настап на класичен уметник. Во „Борис Трајковски“ успешно настапи мултинационалниот вокален квартет „Ил Диво“, а во април сме подготвени за светскиот тенор Пласидо Доминго, кажа на пресот Стефановски.
Трпчески вчера настапи во Солун, денеска веќе патува за концерт во Ливерпул оваа недела, во која ќе има и концерт во Загреб. Овој период има концерти и во Белград и Будимпешта, а му претстојат турнеи во Германија и Швајцарија.
Картите за концертот се веќе пуштени во продажба, а истите може да ги купите преку продажната мрежа на www.kupikarta.com Розе Веро 2 и ЈК травел во Бисер.