Откако Доналд Трамп нареди замрзнување на поголемиот дел од американската странска помош неколку часа по преземањето на функцијата на 20 јануари, во УСАИД настана вистински шок во системот, а ударот донесе внатрешен хаос во агенцијата. УСАИД беше една од првите цели за отстрел на соработникот на Трамп, Илон Маск.
За потсетување, стотици програми на УСАИД што даваат помош од САД во висина од милијарди долари низ светот се прекинати откако Трамп нареди замрзнување на поголемиот дел од американската странска помош, во согласност со неговата политика „Америка на прво место“. Минатата недела, тимот на Маск во Одделот за ефикасност на владата доби пристап до најчувствителните платежни системи на Министерството за финансии, при што дојде до информации поради кои изолира дел од компјутерите на УСАИД.
Според извори од новата администрација, кои лиферуваа одредени сензитивни информации во јавноста, „Трамп размислува за спојување на УСАИД со Стејт департментот“, при што „му доверил на Илон Маск да ја надгледува ефективноста на УСАИД“. Во истиот контекст, американскиот државен секретар Марк Рубио е назначен за вршител на должноста шеф на УСАИД. Во рамките на својата дополнителна функција, Рубио изнесе негов впечаток во јавноста за УСАИД дека таа е „целосно неадекватна“, обвинувајќи го персоналот во агенцијата дека „не сака да му одговори на едноставни прашања“ поврзани за програмите на агенцијата. Рубио го информираше Конгресот за претстојната реорганизација на агенцијата, велејќи дека некои делови од УСАИД би можеле да бидат апсорбирани од Стејт департментот, а другите да бидат – елиминирани.
Администрацијата на Трамп соопшти дека во наредните денови ќе ги исели вработените во американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) од нивното седиште во Вашингтон. Постојат и информации што одат дотаму што тврдат дека администрацијата на Трамп размислува и за целосно затворање на Агенцијата за развој (УСАИД)