Дваесет и двегодишна жена со нож нападнала тројца мажи во центарот на Софија, јавуваат бугарските медиуми. Како што соопшти Управата за внатрешни работи, жената била приведена.
Нападот се случил на булеварот „Витоша“.
Директорот на Управата за внатрешни работи Љубомир Николов рече дека жената што е осомничена дека го извршила нападот имала психички проблеми.
„Има очигледни психички абнормалности и ѝ е поставена сериозна дијагноза. Жената нападнала тројца мажи – 51 година, 48 години и 21 година. Таа е приведена“, рече тој, пренесе Нова.бг.
Двајца мажи со рани од исеченици се пренесени во Воената болница и „Пирогов“, соопштија за БТА од софиската Итна медицинска помош. Нема трета жртва која побарала болничко лекување, појаснуваат оттаму.
„Првиот итен повик бил примен во 8:25 часот, на што реагираше медицинска екипа. Избодениот маж има 21 година со исеченица на грбот. Повредениот е пренесен во ВМА. Мажот е комуникативен и се вршат потребните прегледи“, соопштија од медицинската установа.
Во 08:34 часот бил примен вториот. Медицински лица му укажале помош на 51-годишен маж кој бил прободен со нож во градите. Повредениот бил пренесен во болницата Пирогов. Мажот не е бугарски државјанин, соопштија од болницата.