Skip to main content
q-egmVa-_nY

Александар Котевски: Концертот на Македонската филхармонија во „Златната сала“ на „Музикферајн“ во Виена е исторски момент за македонската музичка уметност

фото: Маја Аргакиева

Оркестарот на Македонската филхармонија на 28 октомври ќе одржи концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“ во Виена – дом на Виенската филхармонија и место каде што секој 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот. Настапот на Македонската филхармонија на сцената на „Музикферајн“ во Виена претставува заокружување на прославата на 80 годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно ќе се одбележат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.

На концертот во Виена, како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се „Македонска парафраза бр.2“ од Бете Илин, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, Пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски и Симфонијата бр.8 од Антонин Дворжак. Програмата претставува спој на македонската музичка традиција и фоклор и европската класика.

Културата е најсилeн дипломатски инструмент на една држава. Македонската филхармонија, со својот настап во „Музикферајн“ ќе ја презентира македонската традиција пред меѓународната јавност и ќе придонесе за подобрување на имиџот на земјата и нејзино поврзување со светските културни и уметнички центри. Концертот на Македонската филхармонија во „Музикферајн“ не е само уште еден настап на нашиот оркестар. Станува збор за историски момент за македонската култура кој докажува дека нашата земја има вреден уметнички потенцијал кој ќе отвори нови перспективи за македонската музика на меѓународната сцена. Не постои подобра завршница на годината во која нашата институција прослави 80 години од формирањето, од настап во овој светски  „храм на музиката“ и една од најпрестижните музички сцени во светот, вели Александар Котевски, в.д. директор на Македонската филхармонија. 

„Музикферајн“ во Виена е една од најзначајните концертни сали во светот. Лоцирана во срцето на Виена, таа е дом на Виенската филхармонија, место на кое секоја година се одржува и традиционалниот Новогодишен концерт на 1 јануари. Концертната сала датира од 1870 година и е дело на данскиот архитект Теофил Хансен чиј дизајн е инспириран од грчката и римската архитектура. Централно место зазема „Златната сала“ со капацитет од 2000 седишта, која е позната по својата неверојатна убавина и исклучителна акустика. „Музикферајн“ не е само симбол на Виена и нејзиното богато музичко наследство, туку и центар на светската класична музичка култура. На сцената на „Музикферајн“ низ историјата настапиле најзначајните светски солисти и диригенти (Херберт фон Карајан, Леонард Бернштајн, Клаудио Абадо, Артур Рубинштајн, Владимир Хоровиц, Даниел Баренбојм, Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Густаво Дудамел, Ана Софи Мутер, Ланг Ланг, Јо-Јо Ма…), но, и композитори како Јоханес Брамс, Антон Брукнер, Густав Малер и Рихард Штраус кои токму на оваа сцена ги воделе првите изведби на многу од своите музички ремек-дела.

Концертот на Македонската филхармонија во „Музикферајн“ е поддржан и е дел од Годишната програма за 2025 година на Министерството за култура и туризам.

Ова беше непосреден повод да разговараме со в.д. директорот на Македонската филхармонија, Александар Котевски, кој се осврна и на гостувањето во Софија во февруари, програмата до крајот на сезоната, како и јубилејот 80 години Македонска филхармонија.

На 17 февруари Македонската филхармонија настапува во салата на НДК во Софија. Заедно со Софиската и Солунската филхармонија ќе ја изведат „Кармина Бурана“ и солисти од трите држави. Ова не е прв пат музичарите од балканските земји да реализираат заеднички проект. Што донесува овој проект?

Македонската филхармонија овојпат ќе биде дел од организацијата и иницијативата на маестро Најден Тодоров за реализирање на настап во НДК во Софија, каде заедно ќе се соединат и музицираат нашите музичари и колегите од Симфонискиот оркестар од Солун и колегите од Софиската Филхармонија. Оваа соработка ќе ги потврди и продлабочи нашите културни конекции со Софиска Филхармонија, а за првпат ќе отвори соработка со Симфонискиот oркестар од Солун. Имено, Симфонискиот оркестар од Солун го потврди нивниот термин и ќе реализира гостување и концерт во полн состав во нашата институција во месец мај. Искрено се надевам дека оваа сегашна соработка ќе даде основа за реализирање на идни заеднички проекти.

За првиот настап на Балканската филхармонија во Скопје беше снимен и долгометражен документарен филм „Радост на животот“ во режија на Светозар Ристевски. Дали овој пат е планирано нешто такво?

Во 2000 година беше снимен долгометражниот документарен филм „Радост на животот“ бидејќи Македонската филхармонија беше иницијатор на проектот Балканска филхармонија, прв од ваков тип на овој простор. Како што знаете се реализираа неколку концерти во Скопје, а овој настап сега во Софија е на иницијатива на Софиската филхармонија и тие се организатори на целиот настан. Немам информација дали планираат да снимаат документарец, но би било убаво повторно да се архивира овој значаен момент во документарен видео формат.

Најавивте и настап во Виена, во „Златната сала“ (Goldemer Saal) од зградата на Музикферајн, престижната музичка сала која ја знаеме од Новогодишниот виенски концерт кој традиционално се одржува на 1 јануари секоја година. Што претставува за Вас како музичар, но и како прв човек на Филхармонија овој настап?

Концертот на Македонската филхармонија не е само настап – тој е исторски момент за македонската музичка уметност. Културата е еден од најсилните дипломатски инструменти на една држава. Со овој настап Македонската филхармонија ќе го заокружи својот 80-годишен јубилеј и 30- години дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Република Австрија. За мене ова претставува потврда за високиот квалитет на моите колеги и нивната способност да настапуваат на највисоко светско ниво.

Во ерата на глобализација, малите земји како Македонија често се борат за културна видливост. Овој концерт е можност да се претстави богатството на македонската музичка традиција, преку изведба на македонски композитори и преку интерпретација на симфонијата бр.8 Оп 88 од А.Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски. Сакам да напоменам дека овој проект од идеја до организација е на моја иницијатива и беше во постојана координација со Министерството за култура и туризам. Воедно сакам лично да се заблагодарам на Министерот Зоран Љутков за неговото разбирање, поддршка и координација. Целиот проект ќе се реализира со дел од сопствени средства на НУ Филхармонија и најголем дел средства од Министертвото за култура и туризам.

Новата сезона 2024/2025 на Филхармонија е насловена „Одисеја“ во која најавувате врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци.. Што би издвоиле од оваа програма? Има ли некои новини?

Нашата програма заклучно со месец јуни е објавена на нашата сајт, но секако дека можам  да ги издвојам љубовниот концерт на 13 февруари, „Некој ме гледа романтично” каде имаме исклучително интересна програма и солисти, секако и завршниот концерт за оваа сезона на 29 мај на кој како солист ќе настапи еден од најдобрите помлади пијанисти на денешнината Дмитри Маслеев. Сакам да ја најавам и премиерата на делото на Филип Иванов „Итар Пејо” која како детски концерт ќе се одржи на 14  и 15 март. 

Ќе има ли уште гостувања на музичарите на Филхармонија, покрај овие во Софија и Виена? Дали сте во преговори за гостување на нашите музичари на светските сцени или за странски музичари кај нас?

Освен гостувањата во Софија и во Виена за оваа година не се планирани други меѓународни претставувања, но секако сме во почетни размислувања и планирање за наредна година за која навремено ќе бидете информирани. Исто така сме во постојана комуникација за ангажирање на извонредни гости солисти и диригенти од странство за следната сезона кои ќе дадат една нова и додена музичка вредност со реализација на уникатни концерти со оркестарот на Македонската филхармонија, но некои ќе одржат и рецитали во камерната сала. Морам да потенцирам дека особено внимание се обрнува и на најдобрите македонски инструменталисти за кои портите на нашата институција се секогаш отворени.

фото: Маја Аргакиева

Подготвија:

новинар: Невена Поповска

видео: Александар Ивановски

монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести