Со особено внимание кон заштитата на културното наследство, музејската и библиотечната дејност, сакам да информирам дека во овој кус период, направивме суштинска анализа на состојбите во заштитата во сите национални установи и констатиравме сериозен застој на речиси сите проекти. Причината за ваквата состојба е неадекватното планирање на буџети за сериозни проекти, немање план за приоритети, план и динамика за реализација на проектите, што довело до целосна негрижа во оваа клучна дејност, истакна министерот Љутков.
Ќе нагласам дека во изминатиов период од неколку месеци, стручните екипи на заводите и музеите за заштита на културното наследство низ земјава, во соработка со колегите од Секторот за заштита во Министерството, активно се посветија да направат и да проектираат повеќегодишен план и динамика за реализација и соодветна заштита, презентација и промоција на спомениците на културата, како дел од светското културно наследство.
Се работи за повеќегодишен план за реализација на приоритетни капитални проекти и тие ќе бидат целосно финансирани во повеќегодишни буџети. Овие проекти ќе бидат целосно завршени во годините што следуваат и ќе бидат ставени и во функција на развој на културниот туризам. Дел од овие капитални проекти се започнати уште во 2013 година и, за жал, сѐ уште не се завршени, како на пример: Трескавец, Курбиново и Аквадуктот, Старо Нагоричино итн. Убеден сум дека со целосна посветеност и со добар план ќе се завршат сите капитални проекти во областа на заштитата. Во следниве неколку години ќе работиме на:
– Скопското Кале и Курбиново, кои годинава ќе бидат целосно завршени и промовирани;
– Продолжуваме со забрзана динамика и на Плаошник;
– Целосна конзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“ во с. Разловци 2025 – 2026 година;
– Целосно завршување на активностите во Лешочкиот манастир;
– Препокривање на црквата во Матејче;
– Капитален повеќегодишен проект – конзервација и реставрација на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица;
– Капитален проект е и манастирот „Трескавец“, поточно црквата „Св. Успение на Пресвета Богородица“, при што, со повеќегодишен план е планирано да се реализира целосна заштита;
– Капитален проект Шалтер сала – Пошта, која ќе има намена на мултифункционален културен центар. Оваа година ќе се препокрие објектот, а исто така ќе биде изработен и проект за конзервација на ентериерот;
– Продолжуваме со забрзана динамика и на реставрација на Аквадуктот. За реализација на овој проект имаме и дополнителна финансиска помош од Амбасадорскиот фонд на Американската амбасада во Скопје, со износ од 205 000 долари;
– Во план е целосна реализација на основниот проект за архитектурата на куќата на Лазар Личеновски;
– Предвиден е и повеќегодишен план и финансиска динамика за театарот во Стоби и завршување на проектот Центар за посетители;
– Целосно завршување на Старата џамија во Равен, Гостивар;
Оваа година ќе се работи на изработка на основни проекти на првото училиште во Подвис и првата болница во Ростуше.
Како капитални проекти, целосно ќе се финансираат, историската поставка во Музејот Битола и депото во објектот „Мала станица“ на НУ Национална галерија на Македонија.
Во областа на археологијата, годинава ќе се вложат средства во истражување на локалитетите Корошишта, Била Зора, Манчевци, Баргала – Штип, Стибера – Прилеп, Тумба Маџари.