Другарите на исчезнатиот Миле Тодоров од Неготино бараат посериозна акција за негово пронаоѓање, вели денеска во нивно име, во изјава за МИА, Софија Шутова.
– Се апелира за посилен притисок и посериозна акција, зголемување на ресурсите во потрагата, трет ден по ред нашиот другар Миле Тодоров кој има 28 години е исчезнат, истакна таа.
Притоа нагласи дека потрагата главно ја водат МВР Неготино и неговите блиски и пријатели, трагаат низ местото каде е последно виден, ден и ноќ, и подвлече дека ова се покажува како неуспешно.
– Исчезнувањето на млад човек мора да се сфати со најголема сериозност од страна на МВР, Општина Неготино и сите надлежни институции, порача Шутова.
Апелираше на вклучување на дронови, повторно вклучување на кучиња трагачи и поголем број на професионални тимови.
– Пребарување на поширок радиус, бидејќи Миле е физички спремен и може да се наоѓа подалеку од првичните локации. Подобра координација и поддршка за тимовите што го бараат. Животот на Миле е во прашање. Не смее ова да остане само на иницијатива на неговите пријатели. Бараме итна посериозна акција. Нема време за чекање, рече таа.