
Две финансиски друштва се соочуваат со привремена забрана за одобрување кредити во период од 30 дена, како и со парични казни поради утврдени неправилности во работењето. Мерките ги изрече Министерството за финансии по спроведен вонреден надзор, кој бил инициран по пријави од граѓани.
Од Министерството информираат дека контролите биле спроведени во изминатите три месеци, при што биле преземени мерки согласно законските прописи.
Оттаму посочуваат дека контролата врз финансиските друштва е континуирана, а од јули 2024 година досега се одземени четири дозволи за работа, додека три финансиски друштва биле привремено затворени.
Во истиот период, глоби им биле изречени на 18 финансиски друштва во вкупен износ од 3.040.323 денари, односно околу 49.400 евра. Дополнително, биле издадени и 58 писмени наредби со рокови за отстранување на констатираните неправилности.
Надзорот се спроведува преку редовно следење на работењето и непосредни контроли, при што посебно внимание им се посветува на претставките и пријавите од граѓаните.
Министерството за финансии најавува дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел поголема законитост и транспарентност во работењето на финансиските друштва и подобра заштита на корисниците на финансиски услуги.
Граѓаните кои сметаат дека се оштетени или имаат сознанија за неправилности можат да поднесат пријава до Министерството за финансии преку архивата, по пошта на улица „Даме Груев“ бр. 12 во Скопје или на електронската адреса [email protected].

Македонски




