Skip to main content

Данска планира да ги забрани мобилните телефони во училиштата од 2027 година

Фрипик

Данското Министерство за образование на 23 ноември објави нов договор со кој се предвидува значително ограничување на употребата на дигиталните уреди во училиштата.

Забраната ќе се однесува на мобилните телефони и другите приватни електронски уреди со пристап до интернет, како за време на наставата, така и за време на училишните одмори.

Секое училиште ќе одлучува за начинот на спроведување на мерката. Телефоните ќе можат да се собираат на почетокот на училишниот ден или да останат исклучени во училишните чанти.

Предвидено е и воведување интернет-филтри во училишните мрежи, со кои ќе се ограничува пристапот до социјалните мрежи, видеоигрите, страниците за интернет-купување и други содржини што не се поврзани со наставата.

Според резултатите од истражувањето ПИСА 2025, 36 проценти од данските ученици изјавиле дека дигиталните уреди или содржини им го одвлекуваат вниманието на повеќето или на сите часови по природни науки. Просекот во земјите на ОЕЦД изнесува 28 проценти.

Новите правила ќе предвидуваат исклучоци за учениците на кои електронските уреди им се неопходни поради здравствени причини или попреченост. Компјутерите и таблетите што се користат за образовни цели ќе останат дозволени.

Данска не е единствената земја што презема вакви мерки. Според податоците на УНЕСКО, до март 2026 година, 114 образовни системи во светот вовеле национални забрани за мобилните телефони во училиштата, што претставува 58 проценти од земјите опфатени со истражувањето.

Сепак, досегашните истражувања за ефикасноста на забраните покажуваат различни резултати. Покрај ограничувањето на употребата на телефоните, значајна улога има и образованието за одговорно користење на современата технологија.

Со најавените промени, Данска настојува да создаде училишна средина со помалку дигитални одвлекувања на вниманието и повеќе простор за учење, дружење и непосредна комуникација.

Поврзани вести