Skip to main content

Фестивалот на грчки филм во Скопје годинава во знакот на женското режисерско творештво

Под мотото „Женски поглед: филм по нејзина мерка“, од 25 до 27 ноември во Кинотека ќе се одржи петтото издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје, кое годинава во целост е посветено на женското филмско авторство. Програмата опфаќа три долгометражни и два краткометражни филма на грчки режисерки од различни генерации, а покрај проекциите, предвидени се и средби со авторките и панел-дискусија за улогата на жените во кинематографијата.

На денешната прес-конференција во „Јуроп хаус“ во Скопје, амбасадорот на Република Грција во земјава, Јанис Малукос, истакна дека фестивалот, кој започнал во 2017 година, постепено се етаблирал како значајно место за средба меѓу грчката кинематографија и македонската публика.

Под мотото „Женски поглед: филм по нејзина мерка“, фестивалот им оддава признание на режисерките, на нивната креативност, автентичните авторски гласови и придонесот во филмската уметност, рече Малукос.

Уметничкиот директор на фестивалот, Небојша Јовановиќ, истакна дека петтото, јубилејно издание претставува потврда на долгогодишните напори за продлабочување на културниот дијалог меѓу двете земји.

Годинашниот концепт, тој исткна дека е посветен на жените режисерки, кои со својата работа ги менуваат традиционалните перцепции за улогата на жената во филмската индустрија.

Фестивалот ќе биде отворен на 25 ноември, на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со премиерата на филмот „Titanic Ocean“, дебитантското долгометражно остварување на грчката режисерка Константина Коѕамани. Филмот ја следи приказната за 17-годишната Акаме, која во необичниот свет на јапонски интернат за обука на професионални сирени се обидува да го открие сопствениот идентитет, желбите и местото во светот. Коѕамани, чии филмови биле прикажувани на меѓународни фестивали во Кан, Венеција и Берлин, ќе присуствува на премиерата во Скопје и по проекцијата ќе разговара со публиката.

На 26 ноември ќе биде прикажан филмот „Ева“ од 1953 година, во режија на Марија Плита, првата жена филмски режисер во Грција. Остварувањето ја раскажува приказната за мажена жена која започнува вонбрачна љубовна врска и се соочува со осудата на конзервативното општество, отворајќи прашања за женската независност, желбите и општествените очекувања.

Во завршната програма, на 27 ноември, ќе биде прикажан и краткометражниот филм „Ништо не е посвето од делфин“, во режија на Изабела Маргара, инспириран од медитерански мит, кој преку поетски филмски израз ги истражува човечките односи и животот покрај морето.

Покрај филмските проекции, на 26 ноември, Фиоренци истакна дека со почеток во 11 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје ќе се одржи панел-дискусија на тема „Жените, Балканот и филмската уметност“, во соработка со факултетот и Меѓународниот универзитет „Европа Прима“.

На дискусијата ќе учествуваат Константина Коѕамани, Марија Апсеска, Ана Опаси, Коста Рамидис и професорката Бети Какламаниду, а модераторка ќе биде актерката и професорка Кристина Леловац. Учесниците ќе разговараат за искуствата и предизвиците во филмската индустрија, како и за влијанието на родовиот идентитет и културното потекло врз режисерскиот пристап и филмскиот израз.

Фестивалот е заеднички проект на „Кинова“ и Амбасадата на Грција во Скопје, со поддршка од повеќе културни и академски институции од двете земји.

Сите филмски проекции ќе се одржуваат во Кинотеката на Македонија. Влезот е бесплатен, но потребна е претходна регистрација преку официјалната интернет-страница на фестивалот.