
Меки и вкусни внатре, со растопен кашкавал, шунка и арома на млад кромид, а однадвор крцкави со златна коричка. Овие ќофтиња од компир се одличен избор за мезе, предјадење или како вкусен прилог со главното јадење.
Потребни состојки:
- 1 кг компири
- 1 јајце
- 1 лажичка сол
- 100 г кашкавал
- 100 г шунка
- 2 лажици млеко
- 20 г путер
- Зелениот дел од 2 млади кромитчиња
За похoвање:
- 1 јајце
- 2 лажици млеко
- Презла по потреба
- Масло за пржење
Подготовка:
Компирите сварете ги, излупете ги и додека се топли испасирајте ги со преса за компир. Додајте ги путерот, солта и млекото, па измешајте. Оставете смесата малку да се излади, а потоа додајте го јајцето, ситно сечканите кашкавал и шунка, како и сечканите перца од младиот кромид. Измешајте додека добиете изедначена смеса. Од смесата формирајте топчиња со големина по желба.
Јајцето за поховање изматете го со млекото. Секое топче потопете го во јајцето, па извалкајте го во презла. За подебела и покрцкава коричка, можете повторно да го потопите во јајце па да го извалкате во презла. Пржете ги во загреано масло од двете страни додека добијат златно-кафеава боја. Извадете ги врз кујнска хартија за да се впие вишокот масло.
Топчињата можете да ги формирате и малку порано и да ги оставите во фрижидер околу 20–30 минути пред похувањето. Така полесно ќе ја задржат формата при пржењето. Послужете ги топли, како мезе, предјадење или прилог со омилениот сос.

Македонски



