Skip to main content

Работевме со Кокаланов, ни се придружи Дуковски и стигнавме до оваа приказна што е една од најзабавните работи во филмот, вели режисерот Срѓан Јанаќијевиќ пред скопската премира на „Нема да ви се верува што се случи претходно“

Њу момент

„Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебитантски долгометражен игран филм на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, вечерва, на 12 ноември ќе има кинопремиера во Скопје, во „Синеплекс“ во 20 часот по што ќе биде на редовен репертоар.

Новинарството и ризиците со кои се соочуваат новинарите во борбата со корупцијата се во фокус на филмот. Филмот е политички трилер и ја следи работата на двајца новинари кои се борат да се зачува личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се испреплетени.

Ова остварување беше прикажано на затворањето на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а светската премиера ја имаше во септември, на фестивалот во Олденбург, Германија.

Идејата е на Јанаќијевиќ, сценариото е на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, а во филмот играат Никола Ристановски, Дарја Ризова, Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Монтажер е Мартин Иванов, композитор е Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимографка е Лидија Георгиева, дизајнерка на филмска шминка Снежана Ангеловска-Живковска, а дизајнер на звук – Дарко Спасовски. Филмот е во продукција на „Ново македонско видео“, односно „Њу момент“.

Пред денешната кинопремиера во Скопје, беше организирана затворена проекција за новинари на која по проекцијата дел од екипата на филмот даде свое мислење. Продуцентот, Сашо Пешев, кажа дека „Нема да ви се верува што се случи претходно“ му е трет игран проект, но веројатно најтешкиот, но и најзабавниот.

Дел од екипата на филмот / фото: Њу момент

Заради короната изгубивме добар период кога можеше да се работи и требаше повторно да ја вратиме енергијата на потребното ниво. Од друга страна и заради буџетот кој што беше само поддржан од агенцијата со минимален буџет што следува за дебитантски филм, практично филмот со ваков каст и вака како што го замисливме беше сериозен предизвик да го да го завршиме и да го затвориме. Меѓутоа мислам дека на крај добивме навистина добра продуцентска вредност на филмот, уметнички апсолутно ќе го цените и самите. Јас сум пресреќен и презадоволен од тоа што го направивме. Посебно во актерскиот дел. Мислам дека овој филм најдобро го одработија и режисерот и глумците. Меѓутоа и во другиот дел, уметничкиот, постигнавме добра вредност на филмот. И сега кога го гледам по неколку пати, секогаш ми е интересен и секогаш наоѓам нешто ново и добро и си велам: „Браво како успеавме да направиме ова со со тој буџет“. Се во се, сум горд и за мене ова е нешто различно од тоа што јас секојдневно го правам. Јас сум директор во маркетинг агенција, и се бавам со кратки форми, со видеа, за реклами, за кои се социјални мрежи итн. Ова е многу посериозна форма, изјави Пешев.

Актерката Дарја Ризова првпат на филм глуми главна улога.

​Она што беше многу значајно за мене е тоа што на филмов работев со колеги кои веќе долги години соработувам на на театарската сцена и нивната колегијалност и професионалност ми даде многу голема сигурност тој момент правејќи го овој филм и ова за мене е ново искуство и да, можеби сега беше вистинскиот момент да се појавам во филм баш со оваа екипа, кажа Ризова.

За актерот Оливер Митковски, филмот е прикзна за една девијатна појава, корупцијата, која нам ни е блиска, но е раскажана на многу поинаков начин.

Режисерот Јанаќијевиќ вели дека во идејата за филмот тргнал од самата слика што може да му се случи на еден човек за еден и пол до два часа во кола, пред да објави една ваква вест.

Работевме долго со Сашо Кокаланов, после и со Дејан Дуковски ни се придружи некаде пред крај на работата и стигнавме до оваа приказна што мислам дека е една од најзабавните работи во филмот. А страшно фероменалните актери што јас си ги знам и многу ги сакам ги донесоа свие ликови. И самата конструкција на приказната како оди напред, назад, напред, назад, да не ти се верува што се случи претходно е производ на една работа што беше баш во последниот дел, изјави Јанаќијевиќ.

Од денеска, филмот е на редовниот репертоар во „Синаплекс“.

Поврзани вести