
Македонската филхармонија вечерва, четврток, 12 ноември, со почеток во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Ехо“ на кој како солист ќе настапи Давид Хрикули, еден од највпечатливите млади пијанисти на светската музичка сцена. Диригент е маестро Сами Рашид од Франција, а на програмата се Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахмањинов и Симфонијата бр. 4 во Ес-дур од Антон Брукнер.
Роден во Грузија, во 2001 година, пијанистот Давид Хрикули се издвојува како еден од најперспективните уметници од својата генерација. Студира кај Станислав Јуденич на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во Мадрид, каде што претходно се усовршувал кај Галина Егуиазарова. Во моментов студира во рамките на Пијано-катедрата „Banco Santander“ и е стипендист на Фондацијата „Хаиме Кастељанос“ и на Фондацијата „Албениц“. Во 2022 година ја добива Дипломата за најистакнат студент на својата катедра, која му ја врачува Нејзиното Височество кралицата Софија. Хрикули беше финалист на Меѓународниот пијано-натпревар „Шопен“ во 2025 година, каде што неговите настапи привлекоа исклучително внимание и кај жирито и кај публиката, стекнувајќи признание што ги надмина конечните резултати од натпреварот. Добитник на награди на бројни меѓународни натпревари.

Македонски



