
По победата на демократите на американските среднорочни избори и преземањето на контролата врз Конгресот, политичката и геополитичката сцена влегува во нова, неизвесна фаза. Во своето најново видео-обраќање од Пекинг во петокот, аналитичарот Џианг Сјуечин даде остра анализа за тоа што следува во Вашингтон, на Блискиот Исток и на глобалните пазари во наредните месеци. Професорот Џианг, како што е познат во интернет-просторот, е кинеско-канадски едукатор кој врз основа на шеми на политички изјави и потези, како и по принципот на теоријата на игра, прави проекции за најзначајните геополитички настани во светот и ги погодува. Џианг го предвиде и овој мандат на Трамп уште во раната фаза на селекција на претседателските кандидати и затоа неговото мислење често е барано од познатите светски поткасти.
Тој отфрла секаква мистика зад неговите анализи и тврди дека неговиот метод е чисто препознавање на шеми (pattern recognition) и познавање на човечката психологија.
Еве дел од неговите предвидувања од петокот:
- За Трамп и победата на демократите: театар пред камери, соработка во Конгресот
Според Џианг, иако демократите го освоија Конгресот, тие нема да тргнат во отворен судир за соборување на Трамп, како што очигледно се чини.
„Она што луѓето не го сфаќаат е дека Трамп не функционира баш добро кога има контрола. Кога е популарен, кога сите се на негова страна, кога има контрола над владата, тој некако ги упропастува работите. Не знае баш што прави. Но, кога е аутсајдер (underdog), кога целиот свет е против него, кога демократите се непријателски настроени и го контролираат Конгресот и се обидуваат да му направат импичмент, тогаш Трамп е во своето најдобро издание. И затоа мислам дека Трамп всушност со нетрпение очекува да соработува, но и да се натпреварува со демократскиот Конгрес“, вели професорот по предвидлива историја.
Иако во петокот не го спомна неговото најпопуларно предвидување годинава – нов трет мандат на Трамп во 2028 година, Џианг сè уште предвидува доминација на американскиот претседател. Аналитичарите се надеваат на провокации на демократите во Конгресот, преку повикувања на сведочења, резолуции за војната во Иран, резолуција за отворање на досиејата на Епстин, па дури и импичмент на претседателот за да го нарушат неговиот имиџ, но за Џианг ова е сосема нелогично бидејќи не ја зема предвид непредвидливоста на Трамп.
„Да, знам дека демократите дискутираа за работи како воведување на „Медикер за сите“ (Medicare for all) и за зголемување на минималната плата. Тие нема да ги направат овие работи, затоа што не ги направија овие работи кога имаа контрола и врз претседателството и врз Конгресот пред неколку години. Не направија апсолутно ништо за време на годините на Бајден. Па зошто би почнале да прават нешто денес? Значи, тоа не е нешто што воопшто треба да го разгледуваме…. Во основа, затоа што Трамп е толку непредвидлив, всушност не сакате да ризикувате ништо со него. И затоа демократите ќе заземат многу конзервативен став и едноставно ќе се согласуваат со администрацијата, затоа што не сакаат да ги налутат своите донатори. На крајот на денот, ако погледнете што е објавено од досиејата на Епстин, има многу демократи во досиејата на Епстин, вклучувајќи го и Бил Клинтон, вклучувајќи го Лери Самерс, кој најдолго време беше еден од главните демократски оперативци во Вашингтон… Она што ќе се случи е дека демократите ќе издаваат судски покани за луѓе во Белата куќа на Трамп и ќе се надеваат дека за време на овој истражен процес луѓе како Џаред Кушнер и Пит Хегсет ќе откријат работи што го инкриминираат Трамп. Тоа нема да се случи. Да, Џаред ќе биде донесен пред Претставничкиот дом и ќе има денови и денови конгресни сведочења каде што Џаред Кушнер ќе биде прикажан како големиот негативец на Белата куќа на Трамп, но ништо што тој ќе каже нема да го вмеша Трамп, и на крајот Трамп ќе му даде помилување на својот зет. И ова е многу слично на она што се случи за време на скандалот Иран-Контра. Значи, ќе биде целосно губење време, но демократите ќе го создадат овој театар затоа што тоа е за да се прикрие фактот дека зад сцената Конгресот и Белата куќа работат заедно за да ја продолжат оваа војна во Иран, да ја спасат индустријата за ВИ, да создадат рамка за криптовалути од стејблкоини, да го донесат NDAA. Ќе видите многу театар. Ќе видите многу конфликт меѓу Демократската партија и Трамп, но навистина, зад сцената, тие работат заедно за да промовираат империјална агенда“, раскажува Џианг.
- За времено примирје во Иран и светот кој ќе гори
Авторот на „предвидлива историја“ вели дека следуваат два месеци затишје со Иран.
„И ова е смело предвидување што ќе го дадам сега – е дека во овие следни два месеци, пред Конгресот да положи заклетва, пред демократите да го преземат чеканот и во Претставничкиот дом и во Сенатот, ќе има застој (пауза) во оваа војна. Можеби ќе има некои разгорувања, можеби ќе има некои бомбардирања, можеби ќе има некои напади, но нема да има голема ескалација на оваа војна. Кога мислам на ескалација, мислам Трамп да овласти нуклеарен удар врз планината Пикакс (Pickax Mountain), или Трамп да им нареди на маринците да го заземат островот Карг или островот Кешм, или Трамп да овласти голема кампања на бомбардирање за да ја уништи критичната цивилна инфраструктура на Иранците, вклучувајќи електрани и постројки за десалинизација“, вели Џианг.
Но, тој не предвидува мирен свет, напротив предвидува економски колапс на Јапонија, која премногу го потпира јенот на доларот, економски загуби на Кина, а граѓански војни и политички немири низ цела Европа. „Ќе имате глобални шокови во снабдувањето низ целиот свет“, вели Џианг и додава: „Светот сè уште ќе гори. Сè уште ќе има протести во Европа. Сè уште ќе има финансиски колапс низ целиот свет, но оваа војна меѓу САД и Иран ќе оди на пауза до јануари. По јануари, штом Конгресот ќе дојде и ќе положи заклетва, тогаш сите облози се отворени“.
- Средба Трамп, Путин, Си Џинпинг?
Како клучно геополитичко предвидување во наредните денови, Џианг го позиционира самитот на АПЕК во Шенжен, наредната недела, бидејќи за прв пат по долго време, сите тројца светски лидери – сите тројца главни светски лидери: Доналд Трамп од Соединетите Држави, Владимир Путин од Русија и претседателот Си Џинпинг од Кина – ќе се сретнат заедно во Шенжен.
„Тоа сè уште не е официјално објавено, но сите тројца се закажани да бидат во Шенжен…. Мислам дека оваа конференција ќе се случи. Мислам дека овој самит ќе се случи. Мислам дека ќе помине многу добро. Мислам дека би можело да има некои многу конкретни резултати од овој самит, вклучувајќи дискусија за тоа Русија и Кина да им помогнат на Соединетите Држави да откријат излез од оваа војна со што ќе си го зачуваат образот. Вклучувајќи ги Соединетите Држави и Кина да ѝ помогнат на Русија да потпише договор со Украина за да заврши оваа војна во Украина. И Кина ќе биде посредникот. Кина ќе биде доведена за да донесе мир во светот. И мислам дека тој самит ќе возбуди многу луѓе. Но, на крајот на денот, тоа нема да се случи затоа што има премногу геополитички сили на дело. И иако сите тројца лидери се посветени на глобалниот мир, светските настани ќе го нарушат овој мир и ние ќе се вратиме во војна“, предвидува Џианг.
- Пукање на АИ балонот
Еден од главните приоритети на новиот Конгрес и Белата куќа ќе биде справувањето со падот на технолошкиот сектор. Бидејќи технолошките гиганти финансиски ги поддржаа политичарите, Џианг очекува заедничка акција за нивно спасување.
„Првата голема работа на агендата е колапсот на балонот со вештачка интелигенција (AI). Тоа го гледаме денес, каде што Nvidia падна за околу 8-9%, а Nvidia е всушност клучната точка на балонот со ВИ, и веќе се зборува за државно спасување (bailout) на овие компании… Овие компании за ВИ потрошија многу пари на среднорочните избори. Тие контролираат многу конгресмени и можете да очекувате дека на крајот Трамп и Конгресот ќе работат заедно за да ги спасат овие компании за ВИ“, коментира авторот на „предвидлива историја“.
Џианг е познат по тоа што речиси во секое свое интернет-предавање укажува дека вербата во Бога е тоа што може да го избави светот од вакви глобални сценарија на колапс. И самиот е верник, а неодамна на подкаст за тоа кој е неговиот најдобар совет за просечниот човек во вакво опкружување, Џианг даде неочекувано директен, личен и духовен одговор: Да верува во Бог!
Новото предвидување-анализа ја најавува по АПЕК самитот. (МИА)

Македонски



